Министерот за одбрана Владо Мисајловски кој ја предводи македонската делегација за време на работната посета на Соединетите Американски Држави, придружуван од началникот на Генералштабот, генерал мајор Сашко Лафчиски, во Пентагон оствари средба со Аманда Дори, потсекретар за одбранбена политика.
Потсекретарот за одбранбена политика, Аманда Дори ги истакна цврстите билатерални односи меѓу двете земји, искажувајќи ја подготвеноста за продлабочување на меѓусебната соработка. За време на средбата од страна на потсекретарот Дори беше изразено задоволство за нашата посветеност за модернизација на македонската Армија и за подготвеноста за справување со заедничките одбранбени предизвици, како членка во НАТО Алијансата.
„На средбата министерот Мисајловски се заблагодари за поддршката од САД во процесот на модернизација и опремување и порача дека остануваме целосно посветени на заедничката соработка, согласно Патоказот за соработка во одбраната кој е израз на нашите заеднички одбранбени цели. Мисајловски истакна дека помошта и поддршката која ја добиваме од САД е од големо значење, во насока на зајакнување на националните одбранбени капацитети, модернизација на Армијата и исполнување на меѓународните обврски“, соопштија од Министерството за одбрана.
По средбата во Пентагон, министерот Мисајловски го посети Меморијалниот центар „Арлингтон“ во Вашингтон, каде оддаде почит на загинатите американски војници и положи венец на Гробот на незнајниот војник.
Во рамки на посетата, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова и началникот на Генералштабот, генералот Сашко Лафчиски, остварија средба со Треша Гуенов, главен заменик на помошникот секретар за одбрана за меѓународна безбедност, на која се дискутираше за модалитетите за зајакнување на одбранбената соработка.