Министерски форум за внатрешни работи и правда „ЕУ – Западен Балкан 2023“ / Photo: AA

Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, со поздравно обраќање го почна дводневниот Министерски форум посветен на внатрешните работи и правдата, „ЕУ – Западен Балкан 2023“, под покровителство на шпанското претседателство.

На форумот присуствуваат еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, министерот за внатрешни работи на Шпанија, Гранде-Марласка Гомез, министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан и други високи претставници на ЕУ, Европол, Фронтекс.

„Посебна чест ми претставува што токму Република Северна Македонија, за само четири години повторно ги отвори вратите како домаќин на Форумот ЕУ - Западен Балкан, овој пат во момент кога светот, како никогаш досега во поновата историја не бил пред така силни геополитички, па и цивилизациски предизвици, кои нужно бараат соодветни и глобални одговори. Оти едноставно, никој не е заобиколен од последиците коишто можат, во годините пред нас, да произлезат од актуелните случувања“, рече Спасовски.

Тој изрази уверување дека преку овој форум ќе се разменат мислења и ставови кои ќе дадат придонес кон зајакнување на соработката и заедничките политики.

„Тука, особено би го истакнал зборот „заедништво“. Бидејќи не случајно сме собрани овде сите заедно. Факт е дека креирањето на заедничките политики е само предуслов за заедничко функционирање во рамки на Европската Унија. Вратата е отворена. Од нашите заложби зависи дали ќе го преминеме прагот. Но, она што сигурно знам е и дека решително чекориме напред. Европскиот моментум е неминовен“, порача министерот Спасовски.

AA
Популарни