Претседавачот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја отвори пленарната сесија на министерскиот состанок, што се одржува во рамки на нашето едногодишно претседавање со Процесот, под мотото „Премостувајќи Поделби, Градејќи Доверба”.
Османи се заблагодари за поддршката од Советот за регионална соработка (RСС) при реализирање на активностите при што, како што истакна, „Оставаме зад нас една успешна година, со бројни постигнувања на полето на регионалната соработка, а особено значаен е постигнатиот консензус за избор на нов Генерален секретар на RСС“.
„Да ги наведам уште еднаш нашите основачки документи кои укажуваат на основната цел на нашиот регионален процес: ‘Добрососески односи, стабилност, безбедност и соработка во Jугоисточна Eвропа’ и стремежот за ‘Интегрирање на нашите земји во евроатлантското семејство на слободни и демократски нации’, кои се релевантни и применливи денес исто како и во минатото“, нагласи Османи.
Османи рече дека учесниците во Процесот имаат постигнато важни резултати во бројни области, но дека морат да ги удвојат напорите до крајната цел – членство во ЕУ за сите учесниците на ПСЈИЕ.
„Проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент кој носи незаменлива вредност во градењето отпорни општества и постигнувањето економски напредок и просперитет“, истакна Османи, повторувајќи дека повеќе интеграција пред членството претставува соодветно решение за долгогодишните предизвици со кои се соочуваме.
По воведното обраќање на Османи следуваа обраќањата на шефовите на делегации на 13 учесници, претставници на ЕУ и РСС, кои беа затворени за медиумите. Потоа агендата продолжува со усвојување на Годишниот извештај на РСС, дискусија на тема избор на Генерален секретар на РСС и одобрување на Декларацијата на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што ќе се одржи попладнево.
На Самитот, своето учество го потврдија претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Герапетритис, министерот за надворешни работи на Република Србија, Марко Ѓуриќ, министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, заменик-министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Иван Кондов, државниот секретар на МНР на Молдавија, Сергеј Михов, државната секретарка на МНР на Романија, Даниела Гитман, амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, заменик управниот директор во Европската служба за надворешни работи на ЕУ, Марко Маковец, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу и претставничката од Европската Комисија, Ана Везироглу.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како форум за регионална соработка е основан во 1996 година и ги вклучува сите 13 учесници од југоисточна Европа со цел изнаоѓање на решение за регионалните прашања, јакнење на добрососедските односи, промовирање на дијалог и соработка и поттикнување на европската и евроатлантската интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Во таа насока, главните цели на ПСЈИЕ се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.