Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека граѓаните на Косово кои патуваат низ Србија се блокирани на премините на Србија со Хрватска, Унгарија и Косово и ја повика меѓународната заедница да реагира.
Како што се наведува во соопштението, доцна синоќа, неколку часа по гласањето за членство на Косово во Парламентарното собрание на Советот на Европа, косовските институции се известени дека српските гранични власти на граничниот премин во Батровци, меѓу Хрватска и Србија, застанале автобуси на различни превозници од Косово, кои требало да минуваат низ Србија.
Се наведува и дека косовски државјани кои доаѓале на Косово биле запрени и на границата со Унгарија, на граничните премини во Шид и Суботица, како и на граничниот премин Бела земја меѓу Србија и Косово. Ним не им е дозволено да се движат ни напред или назад.
Покрај тоа, од сите патници се земени личните документи, како и документите од автобусите. Исто така, дел од нив се одведени и сѐ уште се на распит.
„По самоволното делување на Србија, нашите институции, Министерството за надворешни работи и дијаспора ги известија земјите од Квинтата, ЕУ и другите меѓународни институции за оваа ситуација и очекуваме оваа ситуација брзо да заврши“, соопшти Министерството.
Оттаму се апелира до сите косовски граѓани и сонародници кои се на пат по секоја цена да избегнуваат преминување низ Србија и внимателно да ја следат ситуацијата. Граѓаните на Косово се повикуваат да ги следат најновите официјални информации на косовската полиција, со оглед на фактот што има многу лажни вести кои имаат за цел да шират страв и хаос.
„Оваа одмаздничка акција, која пред неколку дена ја најави и самиот претседател на Србија, Александар Вучиќ, а која доаѓа по неуспехот на пропагандата против членството на Република Косово во Советот на Европа, мора итно да го добие заслужениот одговор од меѓународната заедница“, соопшти Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.
Претходно, првиот секретар на Канцеларијата за врски на Косово во Белград, Фатмир Хаџоли, објави дека граничните власти на Србија од полноќ блокирале најмалку четири автобуси со околу 300 патници, државјани на Косово, на преминот Батровци. Тој оцени дека блокирањето на над 300 граѓани, чувањето на нивните пасоши и патни исправи е флагрантно кршење не само на Бриселскиот договор, туку и на универзалните човекови права гарантирани со сите меѓународни конвенции.
Хаџоли напиша дека само најавторитарните режими ги блокираат патниците од друга земја, со објаснувањето „ова е наредба од Белград“.