Нуклеарната електрана „Козлодуј“ во Бугарија    Фото: Reuters

На околу 400 километри оддалеченост од македонската метропола Скопје се наоѓа малиот бугарски град Козлодуј каде е сместена една од двете атомски централи на Балканот.

Нуклеарната електрана „Козлодуј“ е стара педесетина години и засега е најголема атомска електрана во регионот и единствена во сопственост на Бугарија, откако проектот за изградба на електраната „Белене“ се оддолжи во недоглед.

На спротивната страна од Балканскиот полуостров, во близина на градот Кршко во Словенија, е сместена истоимената нуклеарна електрана која е во сопственост на Словенија и Хрватска. Двете земји делат по 50% од произведената струја од нуклеарната електрана „Кршко“.

Нуклеарната електрана „Кршко“ во Словенија  AFP

Македонската инвестиција во „Белене“ не се оствари

Но дали е можна изградба на нови атомски централи на Балканот? Најблиску до такво остварување е Бугарија која има направено проект за „Белене“. За проектот имаше низа тендери, а во едно време и македонската Влада имаше интерес за финансирање на изградбата на оваа централа, секако со намера да добие дел од произведената струја од планираната електрана. Сепак ова пропадна како што низ годините се одложуваше остварувањето на овој проект, а Бугарија најави проширување и модернизација на „Козлодуј“.

Но на Балканот има уште два играчи кои барем на хартија имаа желба да изградат атомски централи. Пред околу десетина години Македонската Академија за науките и уметностите (МАНУ) ја презентираше Стратегијата за равој на енергетиката до 2030 година. Во планот покрај изградбата на нови хидроелектрани се наведува изградба на две нови термоелектрани на лигнит во Мариово и во Неготино, но и изградба на нуклеарна електрана.

Нуклеарна електрана во Мариово?

Според оваа стратегија, македонската атомска централа планирано е да биде изградена во Мариово, место кое е познато по својата природна убавина, но и по големата миграција.

„Локацијата Мариово е погодна од аспект на снабдување со вода за ладење од планираниот хидроенергетски комплекс Чебрен и Галиште. Хидро-нуклеарниот енергетски производен центар Мариово би ја имал и предноста што би трошел дел од произведената електрична енергија за пумпање на вода кога е електричната енергија евтина и би произведувал во реверзибилната електрана кога е поскапа“, стои во стратегијата.

Атомската централа била планирана со инсталирана моќност од 1000 мегавати, што е повеќе од моќноста на „Кршко“ (696 мегавати), но послаба од „Козлодуј“ (3760 мегавати).

„Нуклеарната опција уште повеќе ќе има предност во однос на термоелектраните на јаглен доколку цената која ќе се плаќа за емисија на стакленичките гасови достигне високи вредности и доколку технологиите за производство на електрична енергија од јаглен без емисија на стакленички гасови до тој период не бидат комерцијално достапни по конкурентни цени.“, пишуваат од МАНУ.

Македонските академици сметале дека со нуклеарната опција се обезбедува поголема разнообразност и со тоа и сигурност во снабдувањето со електрична енергија.

„Околу 40% од електричната енергија би можела да се произведува од нуклеарната електрана, 23% од обновливите извори на енергија, 22% од комбинираните електрани на природен гас и 15% од термоелектраните на лигнит“, се објаснува во Стратегијата.

Според оваа анализа, вредноста на проектот би бил 2 милијарди евра, а централата би се користела во наредните 60 години. Како таргет година за нејзина изградба е ставена 2026 година.

„Доколку се реализира сценариото со изградба на нуклеарна електрана, потребите од електрична енергија би се задоволувале и при пораст на потрошувачката со годишна стапка од 3%.“, пишува во стратегијата.

Сепак, сегашната Влада засега не ги разгледува опциите за искористување на нуклеарната енергија за производство за струја.

Србија не ја исклучува можноста за нуклеарна централа

Слично како и во Северна Македонија така и во Србија идејата за воведување на алтернатива на производството на струја и тоа преку атомски централи се залага Српската академија на науките и уметностите (САНУ).

Инаку Србија во 70-тите години на минатиот век планирала изградба на атомска централа, но подоцна во доцните 80-ти години на минатиот век има донесено мораториум за изградба на нуклеарна централа. На мораториумот му претходел референдум и широка јавна дебата, но иако политичките елити биле за изградба на централа, сепак преовладало мислењето на јавноста. Низ годините, многупати се анализирала потребата да се укине тој мораториум.

Од САНУ се залагаат Србија сама да изгради нуклеарна централа или пак да учествува во таков проект со некоја друга земја.

Сепак експертите велат дека недостига стручен кадар од оваа област иако Србија важеше за еден од лидерите во регионот со својот Институт за нуклеарна наука Винча.

Иако досега српската Влада не објавила јасно дека планира изградба на нуклеарна централа сепак во 2018 година беше потпишана соработка со Русија на ова поле. Тогашниот министер и претставник на Владата, Ненад Поповиќ изјавил дека стратешката соработка со Русија имала за цел „изградба на нуклеарна инфраструктура во Србија“, не прецизирајќи дали станува збор токму за атомска централа.

Во владината Стратегија за развој на енергетиката во Србија до 2025 година нуклеарните електрани постојат како опција.

„Изградбата на нуклеарни централи како можност не треба целосно да се исклучи, со оглед на еколошките ограничувања за постојното производство и идните потреби. Се проценува дека 10-15 години од моментот на укинување на Законот за забрана за изградба на нуклеарни централи би бил минималниот неопходен период за надминување на сите наведени проблеми и недостатоци, до почетокот на можното работење на таква централа во Република Србија“, стои во документот на Владата.

TRT Balkan
Популарни