Во дел од земјите веќе е најавена јавна дебата за воведување воен рок     Фото: TRT Balkan

Задолжителниот воен рок е укинат во сите земји од Западен Балкан. Сепак прашањето за повторно воведување на задолжителен воен рок на голема врата се враќа во дел од земјите во регионот. Во периодот од 2005 до 2008 година, за дел од земјите кои тогаш беа аспиранти за влез во НАТО, карактеристични беа заложбите за укинување на воениот рок и создавање на целосно професионализирани армии.

Сега кај оние кои не се дел од Алијансата, но и кај некои членки активни се дискусиите кои водат во насока на тоа служењето војска да биде задолжително, но се бараат модалитети како тоа да се изведе. Војната во Украина и активирањето на делумната мобилизација од страна на Русија дополнително ги подгреваат овие дискусии.

Одлука во Србија овие месеци

Србија најгласно зборува за оваа идеја. Српското Министерство за одбрана подготвило неколку предлози кои треба да ги достави до претседателот на Србија Александар Вучиќ. Министерот за одбрана Небојша Стефановиќ се има изјаснето многупати дека е за воведување задолжителен воен рок. Пред една недела во Ниш изјави дека се работи на воведување на задолжителен воен рок, но дека не може со сигурност да се каже дека одлуката ќе биде донесена оваа година.

„На сето тоа работиме и тоа е реална потреба на војската. Потребни ни се уште војници. Нашиот генералштаб даде свое мислење за тоа зошто ни е потребно повторно служење редовен воен рок”, изјави Стефановиќ.

Во насока на повторно воведување воен рок размислува и претседателот на Србија. Тој се залагаше за задолжителен воен рок од 90 дена.

„Во војска мажите добиваат на зрелост, учат што е љубов кон татковината, што значи работа и обврски”, изјави Вучиќ.

Задолжителниот воен рок во Србија е укинат во 2011 година.

Албин Курти го оправдуваше воениот рок само за одбранбени цели

Слично на Србија и во Косово постoea иницијативи за задолжителен воен рок. Иницијативите произлегоа за време на претходната Влада од премиерот Албин Курти. Тој воениот рок го оправдува за одбранбени цели.

„Воената служба ќе ја направиме задолжителна, не затоа што сакаме да освојуваме. Напротив ние сме слободоумен и мирољубив народ, а слободоумни сакаме да бидеме во состојба да го одбраниме Косово”, изјави Курти.

Косовските безбедносни сили се трансформирани во војска на Косово кон крајот на 2018 година.

Последната класа во Северна Македонија беше во 2006

Парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок во Северна Македонија е од 2005 година, а последната класа која служеше војска е од 2006 година. Таа иницијатива потекна од парламентарните партии и беше изгласана во македонското Собрание со цел за создавање мала професионална и модернизирана армија според стандардите на НАТО. Тоа се случи во екот на реформите во одбраната со аспирација за што побрзо членство во Северноатлантската Алијанса.

Во Северна Македонија нема дебата за враќање на воениот рок.

Албанија со комплетно професионална армија од 2010

Албанија беше примена во НАТО во 2008 година. Две години потоа, во 2010 година земјата го комплетираше процесот на професионализација на армијата.

Албанскиот Парламент го усвои и законот кој се однесуваше на професионализацијата на армијата и тој беше дел од севкупните реформи во одбраната во соработка со САД. И во Албанија не се води дебата по ова прашање.

Во БиХ задолжителниот воен рок се укина во 2006

Пред две години дел од воените лица во Босна и Херцеговина јавно говореа за повторно задолжително служење војска. Таков став имаа началникот на штабот на заедничките оружени сили на Босна и Херцеговина, Сенад Машовиќ и заменик министерот за одбрана Сеад Јушиќ.

Сепак за ова да се реализира земјата треба да ги смени законските прописи. Бидејќи според членот 79 од Законот за одбрана на Босна и Херцеговина од 2016 година се укинаа ентитетските закони кои предвидуваа задолжителен воен рок.

Младите во Црна Гора сакаат да одат во војска

И Црна Гора ја укина војската со задолжително служење воен рок во 2006 година. Црна Гора тогаш упати барање за членство во Партнерството за мир. Поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ изјави дека војската на Црна Гора ќе биде целосно професионална.

„Од денеска во војската на Црна Гора нема да се служи воен рок туку во неа ќе се вработува” изјави тогаш Вујановиќ.

Тринаесет години по укинувањето, во 2019 година Црна Гора воведе доброволно служење воен рок. Од црногорската армија потегот го оправдаа со фактот дека младите во земјата сакале да бидат дел од армијата. Истражувањата покажале дека 55 отсто од младите на 25 години се гледаат како дел од војската. Обуката трае три месеци.

TRT Balkan
Популарни