Крајно време е Македонија да продолжи по европскиот пат, но Унијата треба да донесе стратешка одлука за тоа како во иднина ќе постапува кон Македонија, но и кон регионот, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на средбата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Министерот рече дека поминале две децении во кои земјава направила компромиси, додавајќи дека доследно се исполнуваат договорите со Грција и Бугарија, а Владата е подготвена на дијалог во добра волја и изнаоѓање на рационални решенија.
На средбата, министерот Муцунски го реафирмираше ставот дека членството на нашата земја во Европската унија претставува клучна стратешка цел на Владата, потврдувајќи ја посветеноста и напорната работа на сите институции.
„Патот напред не води преку константна билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на европската идеа и нејзините вредности. Напротив, потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да не делат. Се надевам и очекувам дека во 2025та година, ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандарди и конечен почеток на процесот на преговори, преку отворање на првите преговарачки поглавја“, рече министерот.
Воедно, тој ги истакна конкретните напори што се преземаат за унапредување на внатрешните реформи, со посебен акцент на владеењето на правото, зајакнувањето на правниот систем, поддршката на независноста на судството, борбата против корупцијата, како и активностите за економски раст, зајакната трговска размена и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Дополнително, тој ги посочи и напорите за продолжување на регионалната соработка и континуираниот ангажман на земјата во делот на унапредување на добрососедските односи.
„Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер и пример во регионот, посветени на градење добрососедски односи и регионална соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно насочен кон спроведување на реформите во клучните области како владеење на правото и правосудството, посветена и неселективна борба против корупцијата, унапредување на ефикасноста на институциите, реформа на јавната администрација и зајакнување на економските капацитети на државата. Ваквата посветеност ќе продолжи и во однос на обврските од Реформската агенда и реализација на целите на Планот за раст како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата и целиот регион кон Европската унија“, истакна тој во обраќањето.
Во овој контекст, тој повика на взаемна одговорност и поддршка од земјите-членки за забрзување на процесот на пристапување на земјата во Европската унија, согласно критериумите за членство, и за спречување на користење на билатералните прашања во преговорите со земјите-кандидати.
„Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандарди и конечен почеток на процесот на преговори преку отворање на првите преговарачки области и поглавја. Заедно со вас, преку редовен дијалог и партнерство, убеден сум дека можеме да ги оствариме овие амбициозни цели“, нагласи тој во обраќањето.
Амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, во своето обраќање говореше за важноста од владеење на правото и спроведување на реформите, за што голем придонес ќе даде реформската агенда. Притоа, тој ја нагласи континуираната поддршка од Унијата во делот на реформите, но и важноста од забрзување на интеграцијата, што според него ќе биде во фокусот на агендата на Унијата во следниот период.
Во рамки на дискусијата, амбасадорите на земјите-членки на Европската унија изразија поддршка за посветеноста на земјата во постигнувањето на поставените приоритети и во напорите за забрзување на процесот на пристапување во Унијата. Амбасадорите ја потврдија и подготвеноста за зајакнување на соработката и заедничката работа во насока на обезбедување натамошен напредок, особено во клучните реформски области.