Во присуство на голем број верници, утрово во сите главни градови на земјите од регионот, како и во другите градови, со извршување на молитвата, започна празнувањето на Курбан бајрам, еден од најголемите муслимански празници.
Во Северна Македонија, централната манифестација се одржа во џамијата „Мустафа-паша“, каде што муслиманските верници ги исполнија внатрешните простори и дворот на џамијата.
Во програмата организирана од Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, пред бајрамската молитва се учеа делови од Куранот, како и илахии на албански, турски и босански јазик.
Обраќање имаше и поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху, кој ја истакна важноста од извршување на аџилакот, колењето на курбанот, жртвувањето и служењето на другите.
Во своето обраќање, Фетаху зборуваше и за важноста од зачувување на традиционалните семејни вредности, како и за други прашања, како што е миграцијата на младите.
Во изјавата за новинарите по бајрамската молитва, Фетаху нагласи дека муслиманските верници колат курбани од своето богатство за да ја покажат својата поврзаност со Алах и да бидат во служба на луѓето.
„Ја користиме приликата да изразиме искрени и срдечни честитки до сите верници во нашата земја, како и до сите други каде и да живеат и работат, во име на ИВЗ во Република Северна Македонија, молејќи го Семоќниот Алах да ги прифати сите нивни ибадети, молитви за мир и просперитет“, рече Фетаху.
Запрашан за јавната расправа за контроверзниот предлог-закон, кој е во спротивност со традиционалните семејни вредности, поглаварот на ИВЗ рече дека институцијата со која раководи пред месец и половина излезе со став дека предлог-законот не се совпаѓа со принципите на верските вредности и правила на сите верски заедници.
Фетаху додаде дека вчера му било соопштено дека Владата и Собранието на Северна Македонија го повлекле законот и дека не е во процедура да се изгласа.
Муслиманските верници во Албанија ја извршија молитвата по повод Курбан бајрам на плоштадите, но и во џамиите низ земјата.
Централната манифестација на бајрамската молитва се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, со учество на илјадници верници.
Централната програма во главниот град на Албанија вклучуваше и читање на Куранот и илахии, како и верски предавања.
Во меѓувреме, молитвата за Курбан бајрам ги исполни и другите џамии во земјата.
И во Косово џамиите беа преполни со верници, кои се собраа на молитвата за Курбан бајрам.
Централната програма на Косово се одржа во Големата џамија „Султан Мехмет Фатих“ во Приштина, а говорот го одржа муфтијата на Косово, Наим Трнава, кој рече дека Курбан бајрам е еден од најважните празници за муслиманите.
„На овој празник, Курбан бајрам, верниците низ светот колат курбан. Целта на колењето на курбанот е уште повеќе да се доближиме до Бога. Сеќавајќи се и постојано споменувајќи го името на Алах, Возвишениот Бог, кој вели: 'Да, Ние ти дадовме добро изобилно. Па, клањај му се на Господарот твој и заколи Курбан!“, рече Трнава.
Косовскиот муфтија изрази загриженост и за бегството на младите од Косово, за феноменот на насилство во семејството, како и за зголемувањето на бројот на разводи и намалувањето на раѓањата.
Празнувањето на Курбан бајрам започнува со бајрамската молитва во раните утрински часови во џамија, продолжува со колењето на курбаните и со посета на најблиските роднини, соседи и пријатели.
Обичајот на принесувањето жртва – курбан, кој има симболика на приближување кон Бога, го изведуваат сите што имаат можност за тоа.
Оние што принеле жртва, потоа од месото им раздаваат на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот - на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман.
Колењето на курбаните треба да се изврши на начин на кој животните треба да се третираат добро, да не се измачуваат и да се зачува чистотата на околината.