Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница за поранешните функционери Артан Груби кој беше прв вицепремиер и Перпарим Бајрами кој беше директор на Државна лотарија.
Двајцата не се достапни на органите на прогонот и осомничени се за кривично дело злоупотреба на службена положба.
Претходно Артан Груби беше ставен на црната листа на Стејт департментот на Соединетите Американски Држави. Тој најави дека ќе се повлече од партиските функции. Исто така беше објавено дека ја напуштил државата во дипломатско возило на почесен конзул на Косово.
Груби се огласи преку социјалните мрежи велејќи дека е на приватна посета на Косово, и дека ќе се врати, но и натаму е недостапен на органите на прогонот.
Заедно со Бајрами се сомничат за злоупотреби со тендерски постапки во Државна лотарија при огранизирање на игри на среќа и дека го оштетиле македонскиот буџет за околу 8 милиони евра.
Основниот кривичен суд за Груби и Бајрами одреди мерка притвор од 30 дена. Во кривичната пријава до Обвинителството се опфатени повеќе поранешни функциониери и истрагата може да опфати повеќе лица, меѓу кои и поранешен премиер и генерален секретар на влада.