Министерството за внатрешни работи на Косово соопшти дека во сите центри за регистрација на возилата продолжува пререгистрацијата на возилата кои имаат ознаки на косовските градови „ПР“, „КМ“, „ПЗ“, „ГЛ“, „УР“, „ПЕ“, „ДА“, „ЃА“, кои ги издава Србија и ги повика сите граѓаните да ги регистрираат своите возила.
Владата на Косово, во петокот на 28 октомври, донесе Одлука со која процесот на пререгистрацијата на овие возила на регистарски таблици „РКС“ се одвива постепено во фази, до завршување на овој легален и легитимен процес, на 21 април 2023 година, се наведува во соопштението.
Исто така се истакнува дека граѓаните до 31 март 2023 година ќе можат да ги искористат олеснувањата и своите возила да ги пререгистрираат без плаќање на царинските и административните такси.
„Вашите моторни возила можете да ги регистрирате во било кој Центар за регистрација, без оглед на местото на живеење или местото на престојување“, се додава од МВР на Косово.
Потсетуваат дека со новата одлука на Владата, од 1 ноември 2022 година, на сите сопственици на на возилата кои се движат со нелегални регистарски таблици ќе им биде изречена опомена, со барање истите да се упатуваат во Центарот за регистрација на возилата поради регистрација на возилата на регистарските таблици „РКС“.
Се појаснува дека од 21 ноември до 21 јануари, на сите сопственици на возилата со нелегални регистарски таблици ќе им биде изречена парична казна од 150 евра, во согласност со важечкото законодавство.
Од 21 јануари 2023 година, сопствениците на возилата со ознаки на косовските градови за влез и движење на територијата на Република Косово, треба да бидат опремени со пробни регистарски таблици, со право на регистрација на регистарските таблици „РКС“ со предвидени олеснувања.
Од 31 март до 21 април 2023 година, ќе се овозможи пререгистрација на возилата, но истата нема да може да ги користи понудените олеснувања.
По 21 април 2023 година нема да биде дозволен влез или движење на моторните возила кои имаат регистарски табилци „ПР“, „КМ“, „ПЗ“, „ГЛ“, „УР“, „ПЕ“, „ДА“ или „ЃА“, на територијата на Република Косово.
Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) изразила разочарување и загриженост што косовската влада не го испочитувала барањето на меѓународните партнери на 10 месеци да го продолжи рокот за пререгистрација на возилата.
Во меѓувреме, Игор Симиќ, потпретседател на Српска листа, најави дека „изрекувањето на првата парична казна ќе биде причина за остар одговор на планот на Курти“.