Најголем процент од возрасните граѓани во Северна Македонија имаат завршено средно образование, а над 420.000 имаат завршено само основно образование. Од вкупно 1.525.366 резидентно население на возраст од над 15 години во Северна Македонија, 672.375 има завршено средно школо, а основно школо вкупно 423.456 граѓани, од кои 241.081 се жени.
Ова го покажуваат најновите статистички податоци објавени во публикацијата Жените и мажите во Северна Македонија на Државниот завод за статистика.
Според оваа публикација, 23.192 граѓани над 15 години немаат никакво образование. Најголем дел од нив или 10.621 се на возраст меѓу 30 и 64 години. Бројките покажуваат и дека 62.129 граѓани не успеале да го завршат ниту основното образование, а од нив 42.120 се жени.
Со високо образование се 263.349 граѓани. Од нив 170.680 се на возраст меѓу 30 и 64 години. Бројот на запишани ученци во основното и средното образование не варира значајно од 2019 до 2021 година. Тој се движи од 90.500 во учебната 2019/2020 година, преку 90.669 во учебната 2020/2021 година, до 90.608 во учебната 2021/2022 година. Бројот на запишани студенти на факултетите се движи од 29.482 до 29.858.
„Во основното и во средното образование, од година на година, се забележува истата полова структура меѓу учениците. Бројот на ученичките што продолжуваат од основното образование во средно образование се зголемува, додека бројот на машките ученици се намалува. Бројот на учениците што го прекинале образованието е незначителен (и кај ученичките, и кај учениците) и во основното и во средното образование изнесува 1%. На факултетите се запишуваат повеќе жени ”, пишува во публикацијата на ДЗС.
Меѓу наставниот кадар во основното и средното образование има повеќе жени и тоа 70 отсто додека во наставниот кадар во високото образование има повеќе мажи. Тие се застапени со 56 отсто наспроти жените кои се застапени со 44 отсто.