Потпретседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Махмут Чевик, оствари посета на Северна Македонија, во чии рамки во Скопје реализираше различни средби.
Чевик најпрвин во седиштето на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) се состана со директорите на основните училишта во кои наставата се одржува и на турски јазик во земјата, во чии рамки беше предадена техничката опрема обезбедена во рамките на проектот за развој на визуелно-технолошките инфраструктури на училиштата.
Тој на средбата беше придружуван од претседателот на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, и од координаторот на ТИКА во Скопје, Мехмет Бајрак.
Чевик упати благодарност до тие што вложуваат напори да се обезбеди настава на турски јазик за турската заедница што живее во Северна Македонија.
Потсетувајќи дека ТИКА од 2005 година реализирала околу 1.200 проекти во земјата, од кои најзначајниот дел е во областа на образованието, односно 31 отсто, Чевик рече дека во овие рамки изградиле и реставрирале околу 60 училишта.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Ибрахим, нагласи дека во земјата над 8.000 лица ја следат наставата на турски јазик и дека има 549 турски наставници.
Чевик потоа учествуваше на централната церемонија на Балканската работилницата за пишување што се организира со поддршка на ТИКА, во координација со МАТУСИТЕБ, и од страна на Балканската унија на писатели и Евроазиската унија на писатели.
Во изјавата за медиумите Чевик ја истакна важноста на развојот на нови млади писатели.
Претседателот на Евроазиската унија на писатели, Јакуп Омероглу, рече дека оваа програма ја реализирале со цел талентираните млади лица да се развијат во областа на литературата.
Претседателот на Балканската унија на писатели, Муртеза Сулооџа, нагласи дека работилницата, која функционира веќе четири години, постигнала голем успех, додавајќи дека над 20 лица успешно ја завршиле оваа работилница.