Речиси 90 отсто од граѓаните во Северна Македонија користат интернет, а околу 80 отсто во последниве три месеци тоа го прават секој ден. И покрај економската криза предизвикана прво од пандемијата со Ковид 19, а потоа и со војната во Украина овој процент на корисници расте иако цените за пристапување не се намалуваат. Ова го покажуват најновите статистички податоци од публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија 2023”, која ја издаде Државниот завод за статистика. Еве што конкретно утврдиле статистичарите во делот на користењето на информациските технологии.
Мажите повеќе користат интернет
Процентот на корисници на интернет е поголем кај мажите 90, 2 отсто. И за две години од 2019 до 2021 пораснал за 5,8 отсто. Од друга страна 86,9 отсто од жените користат интернет и тој процент од 2019 до 2021 се зголемил за 4,5 отсто.
Дека користат интернет секој ден или речиси секој ден одговориле 82,6 отсто мажи и 78,4 отсто жени.
Над 85 отсто од граѓаните имаат профили на социјалните мрежи
Последниот попис спроведен од Државниот завод за статистика покажа дека повеќе од 85 отсто од граѓаните во Северна Македонија имаат профили на Фејсбук, Твитер или други социјални мрежи и ги користеле за испраќање порака или за други потреби.
Во 2021 година ова било случај со 85,3 отсто од мажите и 85 отсто од жените во Северна Македонија. Ако се споредат податоците од другите години кај мажите за две години од 2019 до 2021 процентот на корисници на социјални мрежи се зголемил за 15,4 отсто, а кај жените за 18,2 отсто. Кај мажите и во 2020 е забележителен мал пораст од 69,9 на 72,4 отсто, додека кај жените ситуацијата од 2019 до 2020 речиси и да не се променила и се движи близу 70 отсто.