Најголемите поплави на Балканот во последните десет години     Фото: TRT Balkan

Човечки жртви, штети на земјоделските површини, поплавени домови, уништена инфраструктура. Ова беше епилогот од неколкуте поплави со разорни последици кои го зафатија регионот во последната декада.

Речиси и да нема држава на Балканот која изминативе десет години не беше погодена од поплави со послаб или посилен интетнзитет. Во продолжение потсетуваме на дел од нив.

22 загинати во поплавите во Скопје

Скопјани секое лето се навраќаат на лошите спомени од пред шест години. Поплавата во август 2016 година која го погоди главниот град и околината однесе 22 човечки животи. Загина и двегодишно дете.

Најмногу беа погодени Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново. Над 1.000 луѓе беа евакуирани. Многу домови беа поплавени и без електрична енергија. Материјалната штета беше голема. За 24 часа во Скопје наврнаа 92,9 литри дожд на метар квадратен.Во првите два часа од невремето имаше 800 громови.

Поплави во тетовско

Шест жртви од кои четири лица беа загинати, а две се водеа за исчезнати, како и триесеттина повредени лица, беше епилогот од поплавите кои го зафатија реонот на Шипковица (Тетовско) во 2015 година.

Кој за што е надлежен?

Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата се оние кои најчесто први реагираат при поплави.

Под надлежност на Дирекцијата за заптита и сапсување е регулирањето на коритата на реките, изградбата на помошни објекти и известување на граѓаните за можна опасност. Центарот за управување со кризи исто така е должен да реагира во кризан состојба, да направи квалитетна и навремена процена за загрозеноста на државата и населението од различни ризици и опасности и да спроведе соодветна акција за отстранување на опасностите.

Катастрофа во реонот на Обреновац

Регионот на Обреновац во Србија во 2014 беше зафатен од големи поплави во кои загинаа 33, а 1,6 милиони луѓе беа во опасност. Голем дел од населението остана без имотот. Најмалку 32.000 лица беа евакуирани. Штетата беше проценета на 1,7 милијарди евра. Урнати или уништени беа 280 мостови.

20 загинати во БиХ

Поплавите во 2014 година не ги одминаа ниту Босна и Херцеговина (БиХ) и Хрватска. Во БиХ загинаа 20 луѓе, а близу 10.000 лица беа евакуирани. Излеани беа реките Босна, Сава, Дрина, Врбац. Меѓу подрачјата кои претрпеа најголеми птети се Брчко, Добој, Приједор, Бања Лука, Тузла, Дервента.

Во Хрватска, загинаа две лица. 40 000 беа загрозени од излевањето на реката Сава. Поплавени беа 4300 куќи и и 8.500 хектари земјоделско земјиште.

Отсечени делови во Албанија

Поројните дождови минатата година предизвикаа поплави и во Албанија. Албанската војска ги снабдуваше со храна луѓето во северозападниот дел на земјата кои останаа изолирани. Поплавени беа 7.450 хектари земјоделско земјиште во Скадар Леж и Драч. Униптени беа мостови, а имаше и лизгање на земјиштето.

Минатата година и Косово се соочи со поплави. Реонот на Дукаѓини беше најпогоден. Причина беа обилните врнежи од дожд и снег.

Во 2018 година со поплави беше зафатено и црногорското приморје.

TRT Balkan
Популарни