Мохамед Скаик, граѓанин на Северна Македонија со палестинско потекло, нагласи дека кај Палестинците е намалена надежта дека војната ќе престане и истакна дека тие никогаш нема да ги напуштат своите територии.
Скаик, во разговор со новинарот на Анадолу, зборуваше за настаните на 7 октомври и за тоа што се случило потоа во Газа, евакуацијата со семејството од Газа и нивниот живот во Скопје.
Неговата историја со Северна Македонија е поврзана со 1989 година, кога почнал да студира стоматологија на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Скаик објаснува дека за време на Првата интифада во Палестина бил принуден да ги прекине студиите за одреден период.
Потоа Скаик рече дека се вратил во Скопје, но во овој период останал без палестинско државјанство, додавајќи дека бил избришан од матичните книги, а за тоа поседува докази и ден-денес.
Скаик се вратил во Газа во 2013 година, каде што работел како стоматолог во здравствен дом, а повремено ја посетувал Северна Македонија.
Кога почнале нападите врз Израел по настаните на 7 октомври, Скаик вели дека оттогаш животот му се сменил на начин што не може да се објасни со зборови. „Немаше живот, едноставно немаше живот! Тоа не може да се опише. Тоа само може некој да го живее. Има некои работи што не може да ги кажеш со зборови. Може само да ги почувствуваш”, рече Скаик.
„Зошто се случува тоа, што сме виновни? Што сме направиле? Ние сакаме наша слобода, наш живот. Сакаме да живееме како што живеат сите други народи”, прашува тој, не разбирајќи зошто сето ова се случува веќе една година.
Дента кога почнале израелските напади, неговата ќерка требала да оди во училиште, објаснува понатаму Скаик, раскажувајќи дека поради доцнење не излегла порано од дома и веројатно ова доцнење ѝ го спасило животот.
Евакуацијата на Мохамад и неговото семејство од Газа
Раскажувајќи за текот на евакуирањето од Газа, Скаик рече дека додека не дошло време за евакуација, тие често го менувале местото на живеење, а за тоа време биле сведоци на многу експлозии и неколкупати се спасиле од смрт.
Две недели по нападите се јавил во северномакедонската амбасада во Каиро, објаснува Скаик и вели дека амбасадата внимавала на нив при процесот на евакуација.
Скаик рече дека по обезбедувањето виза за неговата сопруга, која не е државјанка на Северна Македонија, започнал процесот на евакуација. „Евакуацијата беше по еден месец. Значи, во таа мешаница таму останавме речиси еден месец ”, додаде тој.
Потоа, кога пристигнале во Скопје, Скаик наведува дека надлежните го сместиле со семејството на локација наречена „Safety House“ (Сигурна куќа), каде што останале до април годинава.
Ќе им бидам благодарен на одговорните во училиштето Маариф
На почеток Скаик не нашол работа, но со текот на времето, со помош на некои пријатели што ги познавал од претходно, се вработил во Црвениот крст, на границата со Србија, Табановце, каде што главно се занимавал со мигрантите. „Ми помогна познавањето на арапскиот јазик. Тие беа луѓе Арапи, од Сирија, од Ирак, но доста имаше и од Алжир, Мароко, Египет. Така, едноставно преведувам, а во исто време давам и примарна медицинска помош”, рече тој.
На почеток, кога дошле во Северна Македонија, вели Скаик, неговите деца не го знаеле македонскиот јазик и не знаеле како ќе се приспособат на околината.
Објаснувајќи дека со помош на пријател успеале да ги запишат децата во училиштето на турската фондација „Маариф“ во Скопје обезбедувајќи им стипендија, Скаик продолжи со зборовите:
„И навистина, одговорните лица од училиштето 'Маариф' ми помогнаа. Ова е нешто за што ќе им бидам благодарен до крајот.”
Никогаш нема да им ја оставиме таа земја
Тој зборуваше и за своето семејство што од почетокот на израелските напади ја напуштило Газа преминувајќи во Египет, како и за состојбата во која се наоѓа. Скаик рече дека нема смртни случаи во неговото потесно семејство, но дека има загинати членови меѓу роднините.
Скаик посочи дека голем број негови колеги лекари и нивните семејства од Газа ги загубиле животите во израелските бомбардирања и гранатирања.
„Не ми се верува, цело време мислам дека е сон. Сѐ уште не можам да сфатам дека се случи тоа. Мислам дека е сон. Ќе станам и сѐ ќе се врати како што беше. Навистина. Но тоа е реалност. Поради шокот човек понекогаш не сака да поверува. Гради некој одбранбен ѕид во неговата психа за да може да се брани”, рече Скаик, раскажувајќи за шокот што го доживеал по вестите што ги примил за смртта на луѓето што ги познавал.
Раскажувајќи дека изминатата година од минатиот 7 октомври досега му изгледа како цел век, Скаик истакна:
„Веќе почна да се намалува надежта кај луѓето да престане тоа, но никогаш нема да им ја оставаме таа земја.”