Одбележан Денот на сеќавање на жртвите во Вуковар / Photo: AA

Илјадници граѓани од Хрватска и странство и високи делегации денеска присуствуваа на полагањето венци и на мисата за загинатите и исчезнатите бранители на Спомен гробиштата на жртвите од Татковинската војна во Вуковар.

Полагањето на цвеќето и мисата се дел од одбележувањето на 31 годишнина на падот на Вуковар во 1991 година по опсадата на силите на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) и српските паравоени формации.

Денот на сеќавање на жртвите од Татковинската војна и жртвите од Вуковар во 1991 година и 31-годишнината од страдањата на тој град во Татковинската војна се одбележува под слоганот „Вуковар – место на посебен татковински пиетет“ со главна комеморативни програми од 18 до 20 ноември.

Програмата за одбележување на Денот на сеќавањето започна со собир на претставници на здруженијата на бранители и државниот врв во дворот на болницата Вуковар, по што тргна Колоната на сеќавање.

Поворката во која беа илјадници луѓе од цела Хрватска и странство, тргна од дворот на Вуковарската болница, патот преку кој бегаа бегалците во 1991 година.

Патот од 5,5 километри учесниците на колоната го поминаа за околу два часа. Колоната на сеќавање својот пат го заврши на Спомен гробиштата од Татковинската војна каде по полагањето на венецот и палењето на свеќи за сите жртви од Татковинската војна, се служеше миса задушница која ја предводеше бискупот Зденко Крижиќ.

Вечерва низ реката Дунав, во рамките на програмата „Светлосна река на сеќавање“, ќе бидат пуштени запалени лампиони во спомен на убиените и исчезнатите бранители на Вуковар.

Денот на сеќавање на жртвите од Татковинската војна и Денот на сеќавањето на жртвите на Вуковар и Шкабрња е национален празник кој се слави во Хрватска на 18 ноември во спомен на денот во 1991 година кога падна одбраната на градот Вуковар.

Опсадата и битката за Вуковар траеше три месеци од 24 август до 18 ноември 1991 година. Градот кој до падот во рацете на ЈНА е претворен во урнатини, го бранеа близу 1.800 припадници на хрватските сили. Линијата на одбраната беше долга десет километри.

Во битките загинале меѓу 2.900 и 3.600 луѓе. Според податоците на болницата во Вуковар, загинале 1.624 цивили и припадници на хрватската армија, а 1.219 се ранети. Повеќе од 22.000 предвоени жители ги загубија своите домови и беа протерани.

Седум години по неговиот пад, Вуковар беше мирно реинтегриран. Во градот пред војната живееле повеќе од 44.000 жители. Меѓутоа, според пописот од 2021 година, во Вуковар живееле 23.175 луѓе.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг го осуди Миле Мркшиќ, еден од командантите на единиците на ЈНА, на 20 години затвор за убиство и тортура, а Веселин Шљиванчанин на десет години затвор за тортура, но тој беше ослободен од обвиненијата за геноцид и истребување на несрпското население, додека Мирослав Радиќ беше ослободен од обвиненијата.

Обвинет е и уапсен и Славко Докманови, воен претседател на СО Вуковар, но пред изрекување на пресудата во 1998 година извршил самоубиство. Злосторствата во Вуковар беа дел од обвиненето и против некогашниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ, кој не ја дочека пресудата, бидејќи почина во пртиворот на Хашкиот трибунал во 2006 година.

Воислав Шешељ, водачот на „Белите орли“, ослободен е пред МКСЈ од обвиненијата за воени злосторства против човечноста и кршењето на законите и обичаите на војување, помеѓу останатото, и во судирите во Вуковар.

AA
Популарни