Во Скопје се одржа централната цвеченост по повод Денот на АРМ     Фото: АА

Во Касарната „Илинден“ во Скопје се одржа централната свеченост по повод Денот на Армијата на Република Северна Македонија, која оваа година одбележува 30 години од формирањето.

Јубилејната свеченост се реализира со свечено дефиле на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на Армијата, а беа претставени и новите лесни оклопни возила и други современи средства со кои Армијата располага.

По интонирањето на химните, следуваше минута молк за сите загинати припадници на Армијата на Република Северна Македонија.

На настанот свои поздравни говори и честитки имаа претседателот и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Во својот говор претседателот Пендаровски истакна дека 18 Август е симбол на историскиот континуитет, потсетувајќи дека на 18 август 1943 година, борците од неколку партизански одреди се здружија за да го формираат Баталјонот „Мирче Ацев“, а во 1992 година независната македонска држава создаде своја Армија.

Пендаровски рече дека пред 30 години Армијата започна со оскудни воени резерви, но низ годините, забрзано се модернизира следејќи ги најновите стандарди и трендови во одбраната.

Тој, исто така, истакна дека Армијата беше и главниот двигател за зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.

„Нема да погрешиме ако кажеме дека како држава го постигнавме нашиот, досега, најголем надворешнополитички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа. Армијата продолжува да биде нашиот најважен влог во колективната одбрана. И денес нашите војници активно придонесуваат кон мирот и безбедноста во светот - во мировните мисии во Босна и Херцеговина, во Либан, во Централноафриканската Република, на Косово и во НАТО-мисијата во Латвија“, рече Пендаровски.

Во рамки на централната свеченост, претседателот Пендаровски ги одликуваше со Орден за воени заслуги првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери на Република Северна Македонија.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, му врачи признание за досегашната поддршка и соработка.

AA
Популарни