Орбан во Сараево: Ние сме за брзо членство на Балканот во Европската Унија / Photo: AA

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој денес пристигна во официјална посета на Босна и Херцеговина, порача дека Унгарија е за брзо членство на Балканот, односно на Босна и Херцеговина, во Европската Унија (ЕУ).

„Имавме вонредни и возбудливи преговори. Односот на Унгарија кон вас го одредуваат три факти. Еден од нив е дека сме соседи, во географска смисла недостигаат тие неколку десетици километри, но во политичка и економска смисла ние сме соседи“, рече Орбан по состанокот со претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, во Сараево.

Како што истакна Орбан, денеска ја информирал Кришто за процесите во рамките на Европската Унија.

„Реков дека сè е во превирање и дека се во тек големи трансформации и во европската економија, технологијата и во безбедносната политика. Тоа е секако војната во Украина и учеството на ЕУ во неа. Ние, Унгарците, го гледаме тоа како дека на Европа ѝ треба сета сила, енергија и динамика. Ние сме во процес кој треба да се запре и да се пренасочи. Европа нема да може да го спроведе тоа ако се потпира само на силите што ги има сега. Неопходна е нова динамика, нови учесници. Затоа, за нас Унгарците, Балканот не е проблем, туку последна резерва на европските ресурси“, истакна Орбан.

Тој рече дека „на Европската Унија ѝ се многу попотребни Балканот и Босна и Херцеговина отколку што е тоа обратно“.

Орбан рече дека ја известил Кришто за балканската политика на Унгарија.

„Унгарија ви е сосед кој има суверена надворешна политика. Што и да кажат во Брисел, ние сме за брзо членство на Балканот, односно Босна и Херцеговина, во Европската Унија. Треба да се приближи пристапот до фондовите. Треба да се инвестира и во безбедноста на Балканот и во неговиот развој. Ние Унгарците не поддржуваме политика која се потпира на санкции. Политиката на санкции не води до резултати, а долгорочно гледаме дека е добро што поголеми надлежности да се вратат на народите што живеат овде. Долгорочното решение не е во присуство на странците, туку во соработка на народите што живеат на овие простори“, нагласи Орбан.

TRT Balkan / агенции
Популарни