Недостигот на работна сила е особено присутен во текстилната индустрија, во угостителството, транспортот и услуги... / Photo: Reuters

Донесување на нов Закон за вработување и работа на странци, како и зголемување на квотите за вработување на странски работници предлага Организацијата на работодавачи на Македонија како дел од мерките за справување со недостиг на квалификувана работна сила, што влијае на нивната способност да се развиваат и да останат конкурентни на пазарот.

Во нашата земја и во регионот, како и во поголемиот дел од Европа, без разлика на големиот број невработени на пазарот на трудот има недостиг од работна сила, велат оттаму.

„Недостатокот на работна сила неизбежно води кон забавување на економската активност и може да има долгорочни негативни последици за целата наша економија. Затоа, е неопходно да се преземат мерки за надминување на овој предизвик. Како што покажува анализа која ја спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија кај своите членки, а се однесува на недостаток на работна сила и потребата од вработување на странци,компаниите алармираат дека овој проблем не само што влијае на ефикасноста и продуктивноста на компаниите, туку и создава значителни пречки во нивниот развој и раст, велат од ОРМ за ТРТ Балкан.

Компаниите, членките на ОРМ воведуваат разни мерки на ниво на нивните компании за надминување на овој проблем, како што се зголемувањето на платите, постојаното подобрување на работните услови, исплатата новогодишени надоместоци на сите работници, исплата на превоз и храна, платено приватно здравствено осигурување за секој вработен, обезбедување на обуки и доквалификација на вработените, стипендии за студии за дефицитарните области и др., но и покрај се соочуваат со сериозен проблем од недостаток на работна сила.

„Според анкетата, 81,5 % од компаниите значителено ја изразија загриженоста поради недостиг на работна сила. Оваа состојба се одразува на различни сектори, покажувајќи дека проблемот е широко распространет. Некои сектори како производство, текстилната индустрија, хотели и угостителсво, транспорт и услуги се особено погодени. Ова укажува на потреба од преземање на итни мерки за подобрување на состојбата, вклучувајќи олеснети можности за вработување на странски работници, велат од ОРМ.

Тие предлагаат преземање на итни мерки од страна на Владaта, како што се донесување на нов Закон за вработување и работа на странци, зголемување на квотите за вработување на странски работници и поедноставна процедура за вработување на странци.

„Предлагаме и помал број на побарувани документи и побрзо решавање на предметите поврзани со издавање на работната дозвола за странци. Постапката треба да трае најмногу 1 месец, како би било економски оправдано да се ангажираат работници од странство и како не би се кочел работниот процес и динамика“, велат од ОРМ.

Според Организацијата, потребно е регионално распоредување на предметите по поднесени барања за дозволи, со цел да не се оптоварува само Агенцијата за вработување во Скопје.

„Треба да се даде можност документацијата да се предадат во Центрите за вработување согласно адресата на седиште на компанијата која поднесува барање, па така компаниите би имале можност и за побрзо завршување на постапките и за директна комуникација со лицата од Центрите за вработување кои ќе ги работат предметите, сметаат работодавачите.

Од ОРМ истакнуват и дека во конзуларно-дипломатски претставништва во странство се соочуваат со бавно работење на системот, а со тоа и одолговлекување на процесот за апликација на визата од моментот на поднесување. Според вработените во овие претстаниптва, причината била недоволен број на вработени.

Во земјава во јануари 2024 година имало 105.803 невработени лица и 46.881 други кои бараат работа, покажуваат податоците од Агенцијата за вработување.

Според статистиката, речиси половина од невработените или 46.024 граѓани се на возраст од 25 до 40 години, а најмногу од нив, или повеќе од третина се со завршено средно образование.

TRT Balkan
Популарни