Ослободени тројцата косовски полицајци / Photo: МВР на Србија

Ослободени се тројцата косовски полицајци кои беа приведени од српските сили на 14 јуни во пограничното подрачје во северниот дел на Косово.

Првиот секретар на Канцеларијата за врски на Косово во Белград, Фатмир Хаџоли, го потврди тоа и на социјалната мрежа Фејсбук со зборот „конечно“ и со слика на која е тој со тројцата косовски полицајци.

Претходно Хаџоли имаше најавено дека Рифат Зека, Бекир Сефа и Мустафа Шеми денес ќе излезат пред Судот во Краљево, кој им имаше одредено 30 дена притвор.

Ослободувањето на тројцата косовски полицајци го потврди и премиерот на Косово Албин Курти.

„Иако сме радосни што им се враќаат на своите семејства, ова киднапирање претставува сериозно кршење на човековите права и мора да биде казнето. Српската агресија мора да одговара“, напиша Курти.

Владата на Косово тврдеше дека косовските полицајци биле киднапирани додека биле на должност на патрола долж границата на северот на Косово, додека официјален Белград тврди дека тие биле уапсени на територијата на Србија.

САД и ЕУ побараа итно и безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци.

TRT Balkan / агенции
Популарни