Османи: А5 одигра важна улога во евроатлантска интеграција на регионот / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека Иницијативата САД - Јадранска повелба (А5) одигра многу важна улога во процесот на евроатлантските интеграции на земјите на регионот. Османи пред амбасадорите на земјите членки и набљудувачите на А5 ги презентираше приоритетите и целите на Република Северна Македонија за време на нејзиното претседавање со Повелбата во 2023 година.

Османи, на заедничката прес-конференција со амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Прајс Агелер, потсети дека од 1 јануари, Северна Македонија, како и со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), го презеде претседавањето со А5.

Тој рече дека на денешната средба со амбасадорите на земјите членки и набљудувачи на А5 ги соопштил приоритетите и амбициите во врска со претседавањето.

Еден од најголемите предизвици, според него, е создавањето на нов стратешки концепт на А5, кој, како што рече, треба да биде одраз на улогата на организацијата во следната деценија.

„Иницијативата А5 во голема мера ја исполни првичната цел за која е основана“, рече Османи, додавајќи: „А5 одигра важна улога во процесот на евроатлантска интеграција на земјите од регионот и денес практично сите три земји основачи на Повелбата плус Црна Гора како подоцнежна членка на Повелбата веќе се членки на НАТО. Второ, нашето претседавање се поклопува со одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на А5. По две декади постоење, геополитичките околности видно се променети низ целиот континент, а не само во регионот. И ова особено по актуелната воена агресија на Русија врз Украина.“

Тој нагласи дека земјите членки ќе понудат своевидна адаптација поврзана со основниот наратив на Повелбата, нов стратешки концепт, кој треба да ја зајакне улогата на А5 во регионот, но и да ги приспособи неговите цели и мисии во согласност со новите предизвици за безбедноста и новите околности во кои се наоѓа регионот.

Османи рече дека во новиот стратешки концепт, меѓу другото, на земјите членки им предлагаат дефинирање на еден спектар на механизми што ќе овозможат поголема посветеност и вклученост на земјите од Повелбата кои не се членки на НАТО, како што е Босна и Херцеговина, Косово и Србија.

Амбасадорката Анџела Прајс Агелер, од своја страна, истакна дека е уверена дека Северна Македонија ќе се истакне во водењето на исклучително важните организации за поттикнување на безбедноста и стабилноста во Европа.

Агелер потсети дека претседавањето на Северна Македонија со Иницијативата А5 се совпаѓа со 20-годишнината од нејзиното формирање.

„Успесите на организацијата во последните две децении се јасни. Сите три првични членки сега се сојузници на НАТО“, рече Агелер, додавајќи дека откако иницијативата беше проширена на форматот А5, Црна Гора стана нивен сојузник во НАТО.

Според неа, А5 дава пример за посветеноста на САД за евроатлантската интеграција на нивните партнери од Западен Балкан.

„Унапредувањето на европската безбедност и стабилност никогаш не било поклучно за Европа како што е денес. Руската предумислена, неиспровоцирана и нелегитимна воена агресија врз Украина обезбеди отрезнувачки потсетник за неопходноста на организациите како НАТО и ОБСЕ“, истакна Агелер, и додаде: „Ние се потпираме на партнерството како Јадранската повелба за да ја зајакнеме нашата решителност и способност да се спротивставиме на нестабилноста, да ја подобриме подготвеноста и да го унапредиме мирот.“

Основана во 2003 година, Иницијативата А5 има за цел да ги промовира и зачува вредностите на НАТО, а покрај Северна Македонија и САД, членки се и Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.

Косово, Србија и Словенија имаат статус на земји набљудувачи.

TRT Balkan / агенции
Популарни