Не е многу важно дали Бугарија во иднина ќе има нови барања, важно е дека ние создадовме ѕид кон кои било бугарски барања, а тоа е преговарачка рамка, а протоколите, не се дел од неа, посочи Бујар Османи министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија при средбата со Игли Хасани министерот за надворешни работи на Албанија пред Состанокот на Комисијата за партнерство во форматот А5.
Уставните измени се многу поголема пречка за продолжување на европскиот пат и постои можност да ни се повтори Букурешт 2008-та година, оцени денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој појасни дека на 15 и 16 декември кога во Брисел се одржуваше Самитот на ЕУ предлогот којшто стигнал на маса на лидерите во еден од заклучоците стоело дека Северна Македонија покрај Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија треба да ги имплементира и протоколите, но оти заклучок којшто помина на самиот Самит, не ја содржи реченицата и протоколите.
„Преговарачката рамка има јасно утврдени пори што може да пропушти, што не може да пропушти. И ова беше најдобар пример како едно бугарско ново барање кое ние сметаме дека не е дел од Преговарачката рамка не може да го пробие ѕидот наречен преговарачка рамка. Значи имавме конкретен случај“ рече Османи.
Во однос на А5 форматот Османи истакна дека Северна Македонија претседавала со иницијативата во тежок геополитички контекст, нагласувајќи дека е важно да се мобилизираат капацитетите на оваа платформа.
Тој рече дека за време на претседавањето, Северна Македонија се фокусирала на иднината на платформата, додавајќи дека во голема мера платформата ги постигнала своите цели со членството на Северна Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО.
Тој додаде дека иницијативата е фокусирана и на помагање на земјите од регионот кои имаат аспирации за членство во НАТО, нагласувајќи дека е важно оваа платформа да се осврне и на безбедносните прашања во регионот.
„Не можеме а да не зборуваме за насилниот напад во Бањска на северот на Косово од страна на српските паравоени структури кои можат да бидат извор на дестабилизација во регионот. Затоа, многу е важно сторителите да бидат идентификувани, но и да одговорат за направените дејствија“, рече Османи.