Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека повлекувањето на одлуката за визна либерализација за Косовците од 2024 година ќе биде најефективниот начин да се уништи дијалогот помеѓу Косово и Србија во Брисел, јавува Анадолу.
Зборувајќи за предупредувањата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, дека такво нешто може да се случи доколку Косово и Србија не се однесуваат одговорно, Османи нагласи дека Косово „ги исполни и ги преисполни критериумите“ за визна либерализација и ова е процес што Косово го заслужи и „не им бил даден како подарок“.
За можноста за повлекување на одлуката за визна либерализација, Османи истакна дека „ова ќе биде најефективниот начин да се убие дијалогот еднаш засекогаш“.
„Ако некој сака да го прекине дијалогот, тогаш презема такви мерки кои се казнени мерки против жителите на Косово. Тие не се казнени мерки против ниту еден лидер или каква било политика, тие се против народот на Косово. И, ваква казна без преседан што беше голема неправда во однос на народот на Косово, верувам дека ќе резултира со 'смрт' на дијалогот“, нагласи Османи.
Косовската претседателка рече дека доколку се случи такво нешто, никој нема да има мандат во Република Косово за да продолжи да оди во Брисел кога народот на Косово ќе биде казнет на тој начин.
„Така што, верувам дека нема да дојде до таа ситуација“, додаде таа.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во текот на оваа недела предупреди на мерки против Косово и Србија доколку овие две земји „не се однесуваат одговорно“.
Тој рече дека „Франција и Германија презеле обврски во однос на визните политики и други економски прашања, кои ќе бидат разгледани доколку страните не се однесуваат одговорно“.
Макрон ги повика Косово и Србија повторно да се вклучат во организацијата на нови локални избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово и Србите да се вратат во институциите на Косово, притоа споменувајќи го и формирањето на Асоцијацијата на општините со српско мнозинство.