Агресија во Украина не носи директни закани врз безбедноста на Северна Македонија, рече во воведното обраќања министерот за надворешни работи, Бујар Османи на форумот во рамки на процесот за создавање 10-годишна Стратегија за надворешна политика на Северна Македонија „Рефлексија 2030“. Форумот го организираа Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и Филозофскиот факултет при УКИМ.
Темата на форумот беше насловена „Актуелни меѓународни политички и безбедносни предизвици, со посебен фокус на ситуацијата во Украина”, а свои воведни обраќања имаа министерот Османи и деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев.Министерот Османи во своето обраќање рече дека живееме во неизвесност и со бројни домашни, регионални и геополитички предизвици.
Тој истакна дека руската агресија врз Украина доведе до промени на меѓународниот поредок.
„Се разбира дека агресијата врз Украина беше, ако можам да кажам, пресвртна точка. Нападот на една држава врз соседна, суверена, независна држава со цел окупација мислевме дека ќе го гледаме само на Нетфликс, меѓутоа еве се случува на нашиот континент, притоа кршејќи ги основните принципи на меѓународното право, повелбата на ОН, завршниот акт на Хелсинки“, рече Османи.
Тој исто така истакна дека војната во Украина ја нарушила европската безбедносна архитектура, а предизвикала и големи хуманитарни, економски и енергетски последици.
Сепак, според Османи, оваа агресија во Украина не носи директни закани врз безбедноста на Северна Македонија, пред сѐ поради фактот што земјата стана дел од НАТО. Меѓутоа, тој истакна дека не можат да се занемарат другите последици, особено економските.
Зборувајќи за новата улога на земјата, Османи рече дека Северна Македонија е доверлив партнер и дека е во состојба да придонесе за регионот и пошироко.
„Идната година ќе биде единствена по фактот ќе раководиме со три платформи, меѓународни платформи. Најголемата, ја знаеме сите, тоа е ОБСЕ, од први јануари Република Северна Македонија го презема претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација“, рече Османи.
Освен ОБСЕ, Северна Македонија ќе го преземе водењето на Јадранската повелба и Процесот за соработка на Југоисточна Европа.
Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, во своето обраќање истакна дека битката за Украина е битка за Европа, додавајќи дека економски, најмногу ќе биде погодена Европа.
Тој рече дека доколку земјите од Западен Балкан и Украина беа примени во Европската Унија претходно, „голем дел од овие настани можеби немаше да ги живееме денес“.
„Јасно е дека ние немаме друга опција, значи единствено Европската Унија, бидејќи ние сме дел од Европа, ние не можеме да одиме никаде подалеку. Но, мора засилено да се работи кон промоција на европските вредности за да се избегне продлабоченото мешање на другите земји во нашите односи“, рече Дуев.
Учесници на форумот беа и членовите на Стратешкиот совет на МНР, како и професори и студенти од Филозофскиот факултет.