Османи: Северот на Косово е предизвик поради претензиите на Србија / Photo: AA

Претседателката на Косово Вјоса Османи денеска во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на Косово изјави дека северот на Косово останува предизвик поради територијалните претензии на Србија кон Косово. Таа истакна дека „присуството на српската војска на територијата на Косово еднаш засекогаш завршило.“

Османи изјави дека Србија своите претензии кон Косово ги искажува преку „поддршка и финансирање на нелегални криминални структури“, но дека Косово како никогаш досега е решено да создаде безбедност и владеење на правото на секоја педа од територијата на Косово.

Претседателката рече дека на „криминалните банди“ не им се допаѓа решеноста на косовските институции да обезбедат сите граѓани да бидат еднакви пред законот и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Османи рече дека тие криминални групи ќе се соочат со правдата за кривични дела против уставниот поредок на Република Косово, како и за заплашување и заканите кои им ги прават на косовските граѓани.

„Сите сме сведоци на постојани закани на Србија кон Косово. Тие закани во последно време прераснуваат во агресија преку хегемонистичките идеи да се воспостават трупи на Војската на Србија во Косово. Но, Србија и нејзиниот лидер Вучиќ, многу добро знаат дека присуството на српската војска на територијата на Косово еднаш засекогаш е завршено на 12 јуни 1999 година, 1999 година кога НАТО трупите ја скршија кичмата на хегемонистичките идеи на Србија за Косово без Албанци, каде истребувањето беше нивната геноцидна цел“, нагласи Османи.

Таа повтори дека стратешка ориентација на Косово е членство во НАТО и дека Косовските безбедносни сили се развиваат според највисоките НАТО стандарди.

Османи ги отфрли критиките на опозицијата дека Косово нема надворешна политика, истакнувајќи дека Косово никогаш немало поактивна, посодржинска, поподготвена и покоординирана надворешна политика. Таа рече дека надворешната политика е насочена само на интересите на Косово, како и да повеќе нема лобирање за промена на границите и нема флертување со Србија и Русија заради индивидуални интереси.

„Времето на трговците со границите засекогаш помина. Предизвиците на надворешната политика се секако безбројни бидејќи грешките беа од големи размери. Сега мораме да ги санираме овие штети, чекор по чекор, со трпение и со јасна визија“, нагласи Османи.

Таа потсети дека оваа година Косово презеде конкретни чекори кон членството во Советот на Европа, како и дека вчера е потпишана апликација за членство на Косово во ЕУ, која денес се предава во чешкото претседавање со ЕУ.

Косовската претседателка говореше и за внатрешните проблеми, како што рече, за пандемијата на насилство врз жените. Таа наведе дека тоа е една од најкомплексните предизвици на косовското општество, цитирајќи ги невладините организации дека од 2010 година, во Косово се убиени 50 жени од нивните мажи.

Пратениците од опозициските партии, Демократската партија на Косово и Алијансата за иднина на Косово, го бојкотираа говорот на претседателката Османи, затоа што сметаат дека „со нејзината работа таа не е обединува, туку исклучително поларизира“.

TRT Balkan / агенции
Популарни