Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамките на денешната посета на Црна Гора по повод министерскиот состанок на САД-Јадранска Повелба на групата А5, реализираше и одвоени средби со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, како и со премиерот на земјата Дритан Абазовиќ, информираат од МНР.
„На средбите беа реафирмирани одличните билатерални односи меѓу двете земји, активностите поврзани со сојузништвото во НАТО, како и заедничките предизвици поврзани со преговорите на двете земји за полноправно членство во Европската Унија“, соопштуваат од министерството.
На средбите станало збор и за геополитичките околности на меѓународен план, со посебен фокус на руската агресија врз Украина и последиците што тоа ги предизвикува во регионот; при што Османи ја реафирмирал поддршката за Украина од страна на Северна Македонија на секое можно ниво.
„Османи реферираше и за приоритетите и предвидените активности на Северна Македонија во рамките на претстојното претседавање со ОБСЕ во 2023 година, посочувајќи на состојбите во Украина и враќањето на мирот и стабилноста на терен, како најважни предизвици за Организацијата во претстојната година“, известуваат од МНР.