Во својство на претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денес во Грузија се сретна со министерот за надворешни работи на земјата, Илиа Дарчиашвили.
Според соопштението на МНР на Северна Македонија, на заедничката прес-конференција во Тбилиси, Османи нагласи дека како претседавач, Северна Македонија се стреми кон мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтите што ја засегаат Грузија, алудирајќи на продолжување на адресирањето на овие прашања во рамките на клучните дипломатски канали за дијалог што се под заедничко раководство на ЕУ, ОБСЕ и ОН.
„Mеѓународните дијалози во Женева и Механизмот за спречување и одговор на инциденти се витални дипломатски процеси што мора да останат отворени, не само за да се избегнат понатамошни ескалации туку и за справување со последиците од конфликтот во Грузија во 2008 година“, рече Османи.
„Mеѓународните дијалози во Женева, инаку е единствена платформа каде што сите релевантни учесници се среќаваат на политичко ниво уште од 2008 година, а кои се фокусираат на безбедносни и хуманитарни прашања. Едно од главните достигнувања на Mеѓународните дијалози во Женева е воспоставувањето на заедничкиот Механизам за спречување и одговор на инциденти, чија цел е смирување на тензиите“, се вели во соопштението.
Во тој контекст, а и во насока на пораката на Претседателството „За луѓето се работи“, Османи ја потенцираше својата поддршка на сите прагматични пристапи за мирно решавање на ситуацијата, со цел да се обезбедат вистински резултати токму за луѓето што се погодени од конфликтите.
„Дозволете ми да бидам јасен, тие го очекуваат тоа од нас. Да им понудиме вистински резултати што ќе им овозможат да го живеат својот живот во состојба на мир и просперитет“, истакна Османи.
Тој додаде дека ОБСЕ нема да штеди напори за подобрување на нивната состојба и во соработка со своите партнери ќе продолжи да ја промовира слободата на движење.
Претседавачот Османи нагласи дека ОБСЕ ќе го продолжи својот ангажман за поддршка на раселените жени и млади лица што се погодени од конфликтот.
„Мора да бараме начини да се засили процесот на помирување“, истакна Османи, потврдувајќи дека во рамките на своите активности во Грузија ќе оствари и теренски посети со граѓаните, со цел директно од нив да дознае повеќе за предизвиците со кои се соочуваат.
На крајот на средбата Османи повтори дека ОБСЕ ќе продолжи да дава суштинска поддршка во спроведувањето на заложбите во трите димензии на Организацијата, што пак ќе придонесе и за внатрешните реформски процеси на Грузија.
„Многу години ОБСЕ и нејзините земји учеснички, како Грузија, играа интегрална улога во обезбедувањето стабилност и безбедност на поширокиот регион на ОБСЕ. Затоа, дозволете ми да ве уверам дека мојата цел е како претседавач со ОБСЕ да ја зајакнам и продлабочам нашата соработка и да промовирам мир и стабилност во овие неизвесни времиња“, заклучи Османи.