Претседателката Османи, исто така, го пофали „суштинскиот придонес“ на Албанците од Северна Македонија во државотворноста, градењето на општеството и институциите на земјата.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, изјави дека Западен Балкан сѐ уште се соочува со предизвици и тенденции за дестабилизација.

На заедничката прес-конференција одржана во Скопје со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателката Османи ѝ се заблагодари на Северна Македонија за поддршката на Косово на неговиот евроатлантски пат.

„Како две држави што споделуваат заеднички вредности, нашите две земји ќе продолжат да чекорат рамо до рамо во овие напори. Косово и Северна Македонија не се држави што се само географски блиски една до друга туку, пред сѐ, тие се држави што делат иста визија за иднината“, рече Османи.

Таа додаде дека двете земји имаат потпишано над 40 билатерални договори, но нагласи дека билатералната соработка сѐ уште има потенцијал за проширување. Османи рече дека ќе се разгледа зголемувањето на соработката на сите полиња, вклучително и создавањето заеднички гранични премини.

Претседателката Османи, исто така, го пофали „суштинскиот придонес“ на Албанците од Северна Македонија во државотворноста, градењето на општеството и институциите на земјата.

Говорејќи на регионални теми, Османи високо го оцени конструктивниот ангажман на Северна Македонија во регионалните иницијативи и придонесот за долгорочен мир и стабилност во регионот.

„Сепак, во нашиот регион има уште многу предизвици. Има и тенденции за дестабилизација што не смееме да дозволиме да победат. Секако, Косово продолжува силно да се координира во овие напори со сојузниците и партнерите, меѓу кои и Северна Македонија, со цел долгорочна стабилност“, рече Османи.

- „Го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на Европската Унија“ -

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во своето обраќање рече дека со претседателката Османи-Садриу имал содржаен разговор.

Говорејќи за економската соработка, Пендаровски рече дека во минатата година, вкупната трговска размена меѓу двете земји изнесувала 482 милиона евра, со што Косово е на листата на 20 земји со кои Северна Македонија има најголема трговска размена.

Пендаровски истакна дека разговарале и за актуелните регионални предизвици, при што констатирале дека заедничката иднина на двете држави во евроатлантските структури е влог во натамошната стабилизација и просперитетот на регионот на Западен Балкан.

„Во оваа прилика би сакал да го реафирмирам нашиот став дека ги поддржуваме евроатлантските аспирации на Република Косово и дека Северна Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската Унија, така и во однос на членството во НАТО-алијансата", истакна Пендаровски.

Тој додаде дека се разговарало и за односите меѓу Косово и Србија, при што ја истакна важноста од имплементацијата на постигнатиот договор за нормализација на односите.

„Неизбежна тема, се разбира, беа и односите на Косово со Србија, при што го реафирмирав нашиот став по ова прашање, а тоа е дека го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на Европската Унија за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, чија имплементација ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и развојот, не само на нашите соседи туку и на регионот во целина", рече Пендаровски.

Претходно, косовската претседателка беше пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот Пендаровски. За време на дводневната посета на Северна Македонија, Османи ќе оствари средби со државниот врв, како и со претставници на граѓанското општество.

AA
Популарни