„Отворен Балкан“ во Тирана: Приоритет регионалната интерконекција     Фото: АА

Северна Македонија, Албанија и Србија заеднички ќе соработуваат во сферите на енергетската безбедност, безбедноста на храната, цивилната заштита и управувањето со ризици од природни катастрофи во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Делегациите на владите на трите држави одржаа работна средба во Тирана со цел дискутирање во врска со постигнатите договори и соработката во иднина во различни области во рамки на „Отворен Балкан“.

На средбите одржани на тема „Главните предизвици и олеснувачките решенија за регионот“ е дискутирано за заедничкото соочување со кризата поради недостаток на храна и електрична енергија, за трговијата и пазарот на трудот, како и за други теми.

На крајот на дводневните средби, вицепремиерот и државен министер за обнова и реформи на Албанија, Арбен Ахметај, вицепремиерот задолжен за економски прашања на Северна Македонија, Фатмир Битиќи, и вицепремиерот и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Бранислав Недимовиќ, одржаа заедничка прес-конференција.

Нареден состанок во Белград

Ахметај нагласи дека на наредниот самит во Белград на 1 септември, сите страни ќе бидат подготвени да го потпишат протоколот за договорите за интерконекција на шемите за електронска идентификација и слободен пристап до пазарот на трудот.

„Трите главни области на кои ќе се фокусираме за да ги координираме енергиите и конкретните чекори се енергетската безбедност, безбедноста на храната, цивилната заштита и управувањето со ризици од природни катастрофи“, рече Ахметај.

Тој нагласи дека на средбите била изразена заинтересираноста за соработка во областите за реализирање заеднички инвестиции за зголемување на капацитетите за електрична енергија, како од обновливите извори или од други извори како течниот природен гас, и одржување отворени далноводи меѓу земјите, со цел овозможување на минувањето на енергетските текови за справување со енергетската криза.

Меѓу другото, Битиќи рече дека и на техничко, и на политичко ниво се договориле за надминување на енергетската криза, како и за можните влијанија на војната во Украина што се однесува до недостатокот на храната.

„Само заедно треба да ги надминеме. Сметам дека тоа за регионот на Западен Балкан е историски чекор. Нашиот приоритет е регионална интерконекција. Како три земји се согласуваме дека безбедноста на храната во услови на светска криза претставува предизвик и затоа треба да се формираат сите механизми на соработка меѓу нашите земји“, нагласи Битиќи.

Од друга страна, Недимовиќ истакна дека иницијативата „Отворен Балкан“ е предност за трите народи.

„Длабоко сум убеден дека за оваа економска приказна, најдобро ќе зборува бизнис-секторот. Ги отстрануваме пречките и предрасудите што постоеле“, рече Недимовиќ.

Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално покрива економска и политичка зона меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија и има за цел да ги зголеми можностите за трговија, движење на луѓе, стоки, услуги и капитал за околу 12 милиони луѓе, како и поттикнување на интеграцијата на трите земји во Европската Унија (ЕУ).

AA
Популарни