Со свечена церемонија официјално е отворен кампусот на „International Maarif Schools“ во Скопје како дел од Турската фондација „Маариф“, која спроведува образовни активности во Северна Македонија.
На церемонијата присуствуваа претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп и неговата делегација, кои престојуваат во официјална посета на Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Република Туркије во Скопје, Хусни Исмаили, заменик-претседател на Парламентот на Северна Македонија, Лулзим Алиу, заменик-министер за образование и наука на Северна Македонија, Ахмет Емре Билгили, заменик-претседател на Одборот на доверители на Фондацијата „Маариф“ (ТФМ), претставници на турски и локални институции и организации, политичари, академици, наставници и студенти во земјата.
Шентоп: „Туркије има за цел да изгради генерации кои ќе ја користат науката за мир и спокојство на човештвото“
Во својот говор на церемонијата, Шентоп рече дека турската нација е „една од извонредните нации што обединила безброј култури во минатото и отсекогаш ја подигнувала цивилизацијата“.
„Во основата на нашата цивилизација се човечките, моралните и верските вредности.
Нашите предци за време на периодот на администрација на Балканот, во регионот изградија илјадници дела и оставија тука величествено културно наследство. Нашите куќи, џамии, библиотеки, мостови, амами, фонтани и други извонредни дела кои стојат и денес на Балканот, и покрај тоа што значителен дел од нив се уништени, се конкретни дела и траги кои го покажуваат нивото на нашата цивилизација“, изјави Шентоп.
Тој, исто така, рече дека пандемијата на Ковид-19 во голема мера ја забрза трансформацијата во образованието, нагласувајќи дека дигиталните алатки станаа главни елементи на образованието.
Шентоп ја нагласи потребата од изградба на образовен систем кој ќе ги подигне поединците како индивидуи кои ги задржуваат своите вредности и не го губат својот идентитет. „Токму во овој сегмент“, додаде тој, „доаѓа до израз важноста на училиштата „Маариф“.“
Шентоп во својот говор нагласи дека Туркије има за цел да изгради генерации кои ќе ја користат науката и мудроста за мир и спокојство на човештвото преку Фондацијата „Маариф“.
Како што истакна претседателот на турскиот Парламент, училиштата „Маариф“ претставуваат мост меѓу турскиот народ и пријателските и братски земји, додавајќи дека тие се одраз на надворешната политика на Туркије фокусирана кон луѓето.
„Марииф“ дејствува со 450 институции во 51 земја во светот
Во своето обраќање, Билгили, заменик-претседателот на Одборот на доверители на ТФМ, потсети дека Турската фондација „Маариф“ е основана во 2016 година и истакна дека од своето основање продолжува со своите активности во многу земји од светот.
„Денес Турската фондација „Маариф“ продолжува да дејствува со речиси 450 образовни институции во 51 земја, со повеќе од 51.000 ученици и 8.500 наставници. Со други зборови, Фондацијата „Маариф“ стана глобална образовна институција на Република Туркије. Нашата фондација особено внимание им придава на активностите на Балканот. Во таа насока, ги продолжуваме нашите образовни активности од предучилишна возраст, заклучно со средното образование во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Романија и Белорусија“, соопшти Билгили.
Билгили рече дека Турската фондација „Маариф“ своите активности во Северна Македонија ги спроведува од 2017 година и додаде: „International Maarif Schools“ - Тетово образовната настава ја започна 2018 година во Тетово. Во овој образовен центар продолжува образованието од предучилишна возраст, заклучно со средното образование. Истата година беше отворена и детска градинка во општина Бутел во Скопје.“
Информирајќи дека во Скопје купиле постоечки објект во 2021 година и интензивно работеле за објектот да биде во потполност подготвен за образовна настава, Билгили рече: „Наставата ја започнавме во учебната 2022/2023 година. Во нашиот образовен центар спроведуваме настава за предучилишна возраст, основно и средно образование. Нашето училиште има сѐ што е потребно, лаборатории и работилници по сите предмети, како и простории и места за изведување на други активности. Нашето училиште е со капацитет од 1.200 ученици. Во моментов имаме близу 850 ученици.“
Потенцирајќи дека Фондацијата ѝ придава особено значење на наставата на турски јазик и турската култура во сите образовни институции, Билгили рече дека за таа цел во Фондацијата е подготвена програма за настава на турски јазик како странски јазик, која како наставна програма е одобрена од Одборот за образование при Министерството за национално образование на Република Туркије.
„Во рамките на наставната програма, за јазични нивоа А1 и А2 подготвени се комплети на турски јазик на „Маариф“ за основно и средно образование, а во тек е подготовка на учебници за понапредни нивоа. Со овие активности е даден значаен придонес во изучувањето на турскиот јазик во светски рамки“, истакна Билгили. Алиу: „Маариф“ ја промовира традицијата и културата на народите Заменик-министерот за образование и наука на Северна Македонија, Лулзим Алиу, во својот говор посака успех по повод официјалното отворање на училишниот кампус на „International Maarif Schools“ во Скопје и го честиташе 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик, празник што го прославуваат Турците во Северна Македонија.
Заменик-министерот Алиу рече дека „International Maarif Schools“, со училиштата во Тетово и Скопје, претставува мост меѓу двете земји, додавајќи дека во овие училишта се промовираат културата и традицијата на народите од двете земји.
Тој го поздрави и фактот што во „International Maarif Schools“, образовниот процес го следат ученици од сите етнички заедници, а притоа наставата се одвива на сите јазици.
„Слично како и напорите на Министерството за образование и наука, кое е посветено на подобрување и зголемување на квалитетот на образованието, училиштата „Маариф“ во ист дух и насока придонесуваат за зголемување на квалитетот преку обезбедување професионален кадар, но и образовни и висококвалитетни образовни и инфраструктурни услови“, рече Алиу.По обраќањата на говорниците, во рамките на програмата свечено беше пресечена лента, а учениците на училиштето „Маариф“ рецитираа поезија и изведоа различни музички и хорски дела.