Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски упати апел до граѓаните и организаторите на протестите да се протестира достоинствено и без насилство.
„Неприфатливо е користење на насилство и поттикнување насилство во политички цели. Настанот кој се случи вчера во Скопје не смее да се повтори бидејќи нема ништо позначајно од мирот и безбедноста на сите граѓани“, вели Пендаровски во пораката до јавноста објавена на официјалниот сајт на претседателот на Северна Македонија.
„Упатувам апел до сите организатори на протестите, кои овие денови се одвиваат во Северна Македонија да преземат одговорност и нивното демократско право да протестираат да продолжат да го практикуваат достоинствено и без насилство. Истовремено најостро го осудувам носењето и користењето на огнено оружје од цивили и граѓани на земјава, кои не се припадници на органите за безбедност“, истакнува Пендаровски.
Тој додава дека „вчера полицијата имаше навремена реакција која спречи поголеми судири.“
„ Очекувам сите лица кои вчера беа инволвирани во инцидентот да бидат приведени и соодветно санкционирани во најкус можен рок“, истакна Пендаровски.
Вчера во Скопје се одржаа протести кои траат неколку дена по ред, предводени од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, на кои граѓаните бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија со цел отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија (ЕУ) на Северна Македонија.
Инцидент на протестите
Во текот на вчерашните протести се случи вооружен инцидент во кој немаше повредени.
Во врска со инцидентот, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека било приведено едно лице кое пукало со пиштол во воздух.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.