Пендаровски: Позитивна вест од Охрид би била добра за целиот регион / Photo: ТРТ Балкан

Позитивна вест на крајот на оваа сесија разговори во Охрид ќе биде добра за целиот регион, не само за оние страни кои се инволвирани.

Ова е ставот на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, во врска со средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, што под покровителство на Европската унија (ЕУ), а со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД) се одржува во Охрид. Разговарајќи со новинарите присутни во прес-центарот во Охрид, во однос на разговорите на Курти и Вучиќ и очекувањата од нив, Пендаровски рече дека не може да даде каква било проценка бидејќи, како што рече:„не сме дел од преговорите, туку само домаќини“.

„Преговорите помеѓу Белград и Приштина се исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евро-атлантска интеграција“, смета Пендаровски.

По состанокот одржан на 27 февруари во Брисел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Џозеп Борел изјави дека Косово и Србија постигнаа согласност околу Европскиот план, додека останува да се разговара за неговата имплементација.

Според официјалните најави, фокусот на денешниот состанокот на Вучиќ и Курти во Охрид со посредство на ЕУ ќе биде насочен кон финализација на Анексот за примена на планот на ЕУ за патот на нормализација на односите на Косово и Србија.

TRT Balkan
Популарни