Силјановска Давкова изјави дека нема да биде републикански монарх, туку ќе се однесува кон граѓаните како луѓе и индивидуи од кои извира суверенитетот / Photo: МИА

Реприза на претседателските избори од 2019 година ги очекува македонските избирачи откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги објавија кандидатите за престојните избори- актуелниот претседател Стево Пендаровски и професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова.

За разлика од Пендаровски, кој сѐ уште не ја потврдил кандидатурата, Силјановска Давкова денеска пред Собранието, заедно со колегите од пратениката група, обелодени дека пак ќе се бори за претседателската функција.

Во претседателската трка влегува и министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако лидерот на ДУИ Али Ахмети во видео обраќање од Мала Речица го најави како претседателски кандидат.

Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК, а се очекува и Пендаровски следниот викенд да биде официјализиран на партиска конвенција.

Силјановска-Давкова изрази благодарност што во рекорден рок нејзините колеги и колешки ги собрале потребните 30 потписи, без нејзино знаење.

„Зошто се кандидирам? Од објективни и од субјективни причини. Објективните се резултатот од минатите избори. Големо признание е кога ќе добиете околу 380 илјади гласови, и тоа не само од партиските членови и симпатизери, туку и од граѓаните. Имам намера да собирам и 10 илјади потписи, бидејќи мислам дека траба рамноправна да бидам со сите други и се разбира,ги повикувам повторно оние кои не се во политиката или не се идеолошки и партиски определени“, додаде Силјановска-Давкова.

Таа посочи дека ќе се залага за создавање на граѓански канцеларии. Тоа е, како што посочи, институт којшто се практикува во САД и во другите држави.

„Мислам дека многу често претседателите се далеку во планината, далеку од граѓаните, а го забораваат суверенот- граѓаните и една прекрасна идеја на претседателот Иванов за т.н. граѓански канцеларии како да не живее. Тоа е институт којшто е многу, многу практикуван во САД и во другите држави. Значи, јас нема да се однесувам како републикански монарх, туку ќе се однесувам кон граѓаните како кон луѓе, како кон индивидуи, како кон суверен бидејќи од нив ми извира суверенитетот“, додаде Силјановска-Давкова.

Според Силјановска-Давкова, време е за женска димензија во политиката, време е за консензус без оглед на партиска, етничка, верска и друга припадност.

Денеска и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски објави дека ќе се кандидира како претставник на ГРОМ, како и неговиот колега од Куманово, Максим Димитриевски како претставник на здружението ЗНАМ.

Од минатата недела и Билјана Ванковска и Арбен Таравари се потврдија како кандидати за претседател на Левица, односно албанскиот опозициски блок

За првпат со свој кандидат за претседател ќе се појави и партијата Бошњачки демократски сојуз кој ќе настапува со Мерсиха Смајловиќ, а докторот Вело Марковски ќе настапува како независен кандидат.

До Државната изборна комисија (ДИК) досега се поднесени вкупно седум изјави за прифаќање на иницијатива за собирање потписи за кандидирање за Претседател на Република Северна Македонија. Собирањето на потписи за листи на кандидат за претседател на државата почнува утре.

Како што соопшти ДИК, потписи за кандидирање за претседател ќе собираат и Томе Николоски и Господин Поповски.

TRT Balkan / агенции
Популарни