Петков доставува предлог за укинување на ветото за Северна Македонија     Фото: Ројтерс

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска до Народното Собрание ќе го достави францускиот предлог за укинување на ветото за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ, објави бугарската новинска агенција БГ НЕС.

Според медиумските извештаи, Петков ова го споделил пред неговите најблиски соработници. Им објаснил и каква ќе биде динамиката на објавување на францускиот нон-пејпер за кој деновиве интензивно се дискутира.

„Во четврток официјално ќе биде испратен до сите земји членки на Европската унија, а јас ќе го испратам во парламентот. Лично зад мене стојат Емануел Макрон и Олаф Шолц. Ќе го прифатиме, паѓаме, а потоа продолжуваме понатаму”, наводно биле зборовите на Петков.

Во текстот на БГ НЕС се вели дека претходно на владина седница веднаш бил прифатен предлогот на бугарскиот премиер предлогот од француското претседателство со ЕУ, веднаш да биде испратен до собраниската Комисија за надворешна политика.

Доскорешната министерка за надворешни работи Теодора Генчовска претходно од собраниска говорница одговарајќи на пратеничко прашање го обвини Кирил Петков дека и на еврококмесарот за проширување Вархеји му ветил дека ќе го тргне ветото за Северна Македонија. Петков според „Има таков народ” бил подготвен да направи отстапки во делот на позициите на Бугарија за македонскиот јазик.

Шпекулациите дека ветото за Северна Македонија ќе биде тргнато се интензивираа по најновите превирања во бугарската влада, оставките на министрите од „Има таков народ” на Слави Трифонов и осуммината пратеници од оваа партија кои сепак одлучија и натаму да ја поддржуваат бугарската влада.

TRT Balkan / агенции
Популарни