Постојаниот известувач на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, кој денеска ја заврши тридневната посета на Србија, изјави дека заминува од Белград со информации и впечатоци кои ќе му помогнат, како што рече, подобро да ја разбере ситуацијата во земјата, која ја оцени како „исклучително сложена“.
Хрватскиот парламенталец им рече на новинарите во седиштето на Делегацијата на ЕУ дека ЕП има големо искуство во посредување во слични ситуации и дека ЕП, доколку биде побарано, е подготвено да помогне во воспоставувањето дијалог и да се реши ситуацијата во Србија во корист на нејзината европска иднина.
Тој изјави дека како известувач на ЕП најмногу го интересираат ставовите на власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумските здруженија и претставниците на бизнисот.
„Она што ми го кажаа зборува за екстремната загриженост, поточно чувството на сложеност и неизвесност во кое се наоѓа земјата. Знаеме дека голем број граѓани секојдневно излегуваат на улиците барајќи сериозни промени во земјата, тие по природа не се институционални, но имаат големо влијание“, рече Пицула, кој беше во Србија да собира информации за нацрт-извештајот на ЕП за напредокот на Србија во 2023 и 2024 година на нејзиниот пат кон ЕУ.
Тој наведе дека неговите соговорници од опозицијата и од власта му рекле дека не можат да воспостават контакт со оние што протестираат и додаде дека со дијалог треба да се најде решение за ситуацијата, односно да се воспостави неопходниот социјален дијалог и дека врз таа основа Србија треба да најде излез од, како што рече, сериозната социјална криза.
Пицула изјави и дека не разговарал со студентите и не го побарал тоа, но дека е отворен за можноста.
Кога станува збор за разговор со некои од најистакнатите политички лидери во земјава, Пицула рече дека зависи од нив, дека се понудил да разговараат и дека подал рака, но дека на крајот разговор прифатила само претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ.
Како што рече, ова е јасен доказ дека само преку дијалог може да се обиде да ги премости некои разлики.
„Во тој разговор ги задржавме нашите политички разлики, но сменивме одредени позиции“, рече Пицула.
Пицула рече дека ќе продолжи да ја поддржува политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, но дека оваа поддршка би можела да биде поголема ако Србија, како една од најрелевантните земји во регионот, направи сериозни промени и ги исполни критериумите и стандардите што ги има поминато секоја земја што станала членка, и додаде дека Србија, како и другите земји од Западен Балкан, заостанува во процесот на европска интеграција.
Тој рече дека ако Србија не го стори тоа, нејзиниот пат кон ЕУ дополнително ќе стагнира, бидејќи поминаа цели три години од отворањето на последниот кластер и потсети дека во декември ЕК предложи отворање на Кластерот 3, но дека значителен број земји-членки во Европскиот совет „останаа скептични“.