Ова е трет мандат на ХДЗ и премиерот Пленковиќ на чело на извршната власт / Photo: HINA

Во присуство на соработници и медиуми, лидерот на ХДЗ и премиер на техничката влада на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска му врачи 78 потписи на претседателот на Републиката Зоран Милановиќ за добивање мандат за формирање на нова извршна власт по парламентарните избори одржани на 17 април.

Владата на Хрватска ќе ја формираат ХДЗ и Татковинското движење (ДП)со поддршка на двајца претставници на малцинските партии и пратеничката Весна Вучемиловиќ, која ги напушти Суверените за да ја поддржи владата на Пленковиќ.

Во новата хрватска Влада, за разлика од претходните два мандати, нема да биде Независна демократска српска партија (СДСС) на Милорад Пуповац, што беше експлицитно барање на ДП.

Ова е трет мандат на ХДЗ и премиерот Пленковиќ на чело на извршната власт.

По предавањето на потписот, Пленковиќ си замина од Пантовчак без да им се обрати на новинарите, а изјава не даде ниту Милановиќ.

Со години, од изборот на Милановиќ за претседател на Хрватска, на политичката сцена владее тешка кохабитација, а соработка речиси и да нема. Нетрпеливоста кулминираше откако најголемата опозициска партија СДП го истакна Милановиќ за кандидат за премиер, што Уставниот суд го прогласи за неуставен чин.

Средбата меѓу двајцата државници траела десет минути. Иако на почетокот не беше планирано, сепак било дозволено да се снима неколку секунди, но не и на самата средба помеѓу Милановиќ и Пленовиќ, па не се знае дали се ракувале или размениле неколку зборови.

Кога Пленковиќ пристигнал во Пантовчак, гледајќи ги медиумските екипи, рекол: „Сè уште сте тука, тоа е добро за демократијата“, а Милановиќ коментирал дека климата работи.

На објавеното видео се гледаат Милановиќ и Пленковиќ со по еден соработник на маса во прилично тензична атмосфера. Милановиќ нешто кажува додека гледа во таванот, додека Пленковиќ молчи гледајќи пред него.

Денешната средба Милановиќ-Пленковиќ е трета по парламентарните избори во април. Во текот на претходните два, на пречекот на повеќенаменските борбени авиони „Рафал“, купени од Франција, а потоа и на прославата на годишнината од акцијата на воената полиција „Блесок“ во Окучани, Милановиќ и Пленковиќ не се ни поздравија.

TRT Balkan / агенции
Популарни