Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, изрази безрезервна поддршка за членството на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), додавајќи дека Хрватска нуди и конкретна помош за постигнување на оваа цел.
На заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Пленковиќ потсети дека неретко официјално Скопје било неправедно блокирано на патот на евроатлантските интеграции, велејќи: „Ако некој ве разбира, ние ве разбираме.“
Слично како Северна Македонија, така и Хрватска мораше да направи уставни промени пред членството во ЕУ и да ги вклучи националните малцинства во Уставот.
Пленковиќ повика да се постигне политички консензус за уставните измени, нагласувајќи дека процесите треба да се забрзаат и да добијат нова динамика.
„Токму сега е моментот кога треба да се направаат вистинските потези и да се постигне стратегиски напредок што ќе овозможи економски раст, подобра социјална состојба за сите граѓани на (Северна) Македонија кои ќе направат стратегиски исчекор по многубројните неопходни потези што ги направивте досега во годините што се зад вас“, рече Пленковиќ.
Зборувајќи за конкретната помош што неговата земја ѝ ја нуди на Северна Македонија, хрватскиот премиер го спомена делегирањето на советникот Владимир Дробњак, кој беше главен преговарач за Хрватска во периодот на зачленување во ЕУ, да ѝ помогне на Северна Македонија во преговорите и техничките прашања за време на преговорите за членство во ЕУ.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во својот говор истакна дека двете земји ги врзува минатото, но и желбата за подобра иднина во ЕУ.
Тој нагласи дека Скопје и Загреб немаат отворени прашања, додавајќи дека во континуитет се продлабочува политичкиот дијалог и се зголемуваат економската и трговската соработка.
Премиерот Ковачевски се осврна и на претстојниот процес на носење уставни измени.
„Уставните измени, кои подразбираат вклучување и на Хрватите во нашиот Устав, се пред нас и за истите се надевам дека ќе успееме и повикувам како општество да најдеме натпартиски консензус. Преку заштитата на правата на заедниците, го штитиме не само идентитетот на другите туку и сопствениот и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество", рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека во наредниот период ќе се работи на унапредување на економската и трговската размена со Хрватска, вклучително и во сферата на туризмот.
Во рамките на официјалната посета на Скопје, хрватскиот премиер се сретна и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а се очекува да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и да има говор во Собранието на Северна Македонија.