По барикадите, животот се враќа во нормала на северот на Косово / Photo: AA

Животот враќа во нормала откако беа отстранети барикадите на неколку локации на северот на Косово. Последниот камион што бил паркиран бочно на барикадата на патот во Рударе, кај Звечани, на северот на Косово, отстранет е вчера попладне.

Барикадата во местото Рударе беше една од најголемите што беше подигната на патиштата на северот на Косово, а од 10 декември главниот пат Митровица - Лепосавиќ беше блокиран со 14 камиони, цистерни и автобуси. Во изминатите неколку дена десетици локални Срби, како и маскирани лица, деноноќно ја чуваа таа барикада во смени.

Косовската полиција вчера соопшти дека е отстранета барикадата која се наоѓала на два километри од граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија, од српска страна, и дека по два дена повторно е пуштена за сообраќај.

Отстранувањето на барикадите на Косово почна по повикот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со Србите од Косово, одржана во Рашка.

Повеќе од две недели локалните Срби со тешка механизација ги блокираа патиштата на северот на Косово, поради апсењето на Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција, осомничен за напад врз функционери на Централната изборна комисија на Косово.

Неколку дена подоцна, Слаѓан Трајковиќ, друг поранешен припадник на косовската полиција, беше уапсен и обвинет за терористички акти. На двајцата им е одредена мерка притвор од 30 дена.

Според новата одлука на судот во Приштина, на Пантиќ во четвртокот му е одреден домашен притвор.

AA
Популарни