Човекот кој вчера се самозапали пред зградата на хрватската влада на плоштадот Свети Марко во Загреб починал вечерва од здобиените повреди, соопшти КБЦ Сестре милосрднице.
Тој бил згрижен на одделот за интензивна нега на Клиниката за трауматологија, откако бил хоспитализиран поради изгореници од четврти степен по целото тело.
По инцидентот, хрватската влада соопшти дека сите нејзини членови се потресени од случајот.
„Сите сме, секако, потресени од веста дека маж се самозапали на плоштадот. Полицијата и сите надлежни служби итно реагираа за што побрзо да му помогнат на повредениот“, изјави владиниот портпарол Марко Милиќ.
Тој додаде дека во моментот на инцидентот премиерот Андреј Пленковиќ бил на средба со министрите за финансии и економија и дека штом слушнале што се случува веднаш излегле на местото на несреќата.
На плоштадот Свети Марко се наоѓа хрватскиот Сабор и зградата на Владата.
Според медиумите, починатиот бил пензионер од Копривница на возраст од 57 години, порано вработен во Хрватските Железници, но мотивите за самоубиствтото не се познати.