По оставката на Владата на премиерот Кирил Петков, нова влада не успеа да формира и партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов, која ја има втората по големина пратеничка група во Парламентот.
Десислава Атанасова, претседателката на пратеничката група на партијата, го врати мандатот за формирање влада што го доби од претседателот Румен Радев.
Атанасова, откако го врати мандатот, рече дека партијата ГЕРБ претпочита одржување на предвремени избори.
Лидерите на останатите седум парламентарни групи застапени во Парламентот соопштија дека никогаш нема да влезат во коалиција со партијата ГЕРБ.
Претходно партијата „Промените продолжуваат“ (ПП), која има најголема група во Парламентот, не успеа да најде доволно поддршка за коалиција за да формира влада.
По последните парламентарни избори одржани на 14 ноември минатата година, четирипартиската коалициска Влада формирана под водство на „Промените продолжуваат“ (ПП), на власт остана само 6 месеци.
Петков не доби доверба во Парламентот и поднесе оставка откако партијата на популистичкиот шоумен Слави Трифонов „Има таков народ“ (ИТН) се повлече од коалицијата.
Се очекува претседателот Румен Радев за последен пат, пред да го распушти Парламентот и да објави датум за предвремени избори, мандатот за формирање влада да го даде на една од другите парламентарни партии.
Радев истакна дека во рамките на процедурата наречена „парламентарен рулет“ ќе се консултира со сите застапени партии во Парламентот пред да го додели мандатот на трета партија за да формира влада.
Во случај на предвремени парламентарни избори во Бугарија, земјата до следните избори ќе биде управувана од привремена влада со ограничени овластувања што ќе ја формира Радев.
Меѓу другото, Радев истакна дека доколку продолжи владината криза, предвремени парламентарни избори може да се одржат на почетокот на октомври.