Центарот за управување со кризи утринава информира дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 49 пожари на отворен простор, од кои во моментов 12 се активни, седум се под контрола и 30 се изгаснати.
Според податоците на ЦУК, најмногу пожари има во Општина Македонски Брод каде што во моментов беснеат пожари на четири места.
Утрово гори борова шума на Јасен кај Белица, општините Кочани и Македонска Каменица дактивен е пожарот кај селата Пресека и Цера каде што гори борова шума и папрат. На Галичица, пожар има кај селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарска куќа (шума, нискостеблеста вегетација).
Активен е и пожарот во долненското село Дебреште кој се шири кон с. Рилево и с. Зрзе како и кон с. Крапа. Гори о кај кичевските села Патеец и Козичино кој се прошири кон с. Горно Крушје, Општина Македонски Брод (борова и букова шума). Во кичевско пожар има и кај селата Зајас и Горно Строгомиште каде што гори мешана шума. Пожар има и во општина Маврово-Ростуше во с. Врбен, како и во Општина Новаци кај селата Полог, Брник, Ивени, Рапеш и кај сеото Паралово.
Во Општина Битола пожар има кај селото Острец, а во општина Пласница кај селата Пласница и Латово. Во Македонски Брод пожар има кај селото Грешница, а во општина Пробиштип пожарот од село Ратковица се движи кон Пониква.
Седум пожари се под контрола. Од ЦУК најавуваат дека утрово ќе одат во контрола на дел од овие пожари.
Десеттина дена гори сртот на планината Галичица, на две локации, на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на Општина Ресен, како и месноста Војтино на охридската страна од планината.
Гори нискостеблеста вегетација, а пламенот брзо се шири потпомогнат од воздушните струења и екстремно високите температури.
Изминатите денови беше дејствувано и од воздух, со ангажирани воздухолови. Хеликоптери и утрово го надлетува Охридското Езеро, но и гаснењето од воздух е отежнато бидејќи се работи на терен на голема надморска височина што дополнително го усложнува пристапот на воздухопловите.
На терен постојано се распоредени неколку десетини пожарникари, волонтери на Планинската служба за спасување, на Националниот парк „Галичица“, на Црвениот крст од Охрид.
Последната информација во врска со пожарот на Галичица е повикот што од синоќа се шири преку социјалните мрежи, за масовно активно вклучување на граѓаните во справување со непогодата, преку дејствување што би го оневозможило ширењето на пламенот кон шумските појаси.