Православните христијани во земјите од регионот го одбележуваат Бадник, денот пред Божиќ. По тој повод, празникот традиционално се одбележува со посета на храмовите на Македонската православна црква, а централната манифестација се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, која започна со бадниковата химна и подигањето на бадниковото знаме.
На собирот во храмот присуствуваа голем број граѓани, каде свештениците ги осветија бадниковите гранчиња и погача.
На литургијата во Соборниот храм присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Архиепископот на Македонската православната црква, господин господин Стефан, во својот говор на верниците им го честита празникот. По осветувањето, бадниковото гранче им беше поделено на присутните граѓани. Се кршеше и погачата со паричка.
Бадник во земјите од регионот
По повод Бадник, пред Храмот Св. Сава во Белград, главниот град на Србија, во вечерните часови се организира палење на бадниковото дрво. Во истиот храм утре ќе се одржи литургија. Традиционалното сечење на бадниковото дрво пред Божиќ се одржа и во Грачаница, каде живеат припадници на српската заедница од централно Косово.
Вечерна богослужба и палење бадниково дрво вечерва се одржува во Сараево во црквата „Свети Михаил и Гаврил“. На денот на Божиќ, во Соборниот храм во Сараево ќе биде одржана и литургија.
Сечењето на бадниковото дрво и литургија се одржуваат и во главниот град на Црна Гора, во Подгорица.
Во главниот град на Хрватска, во Загреб, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ учествивауше на приемот по повод Божиќ во организација на Српскиот национален совет во Хрватска. На настанот присуствуваше и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Празнична традиција
Според христијанската традиција, првите гласници на празникот се коледарите, децата кои ја носат веста за доаѓањето на празникот Божиќ, кои в зори тропаат на вратите на домаќинствата најавувајќи го празникот, и за тоа се дарувани.
На Бадник завршуваат божиќните пости. Семејствата за Бадник во вечерните часови се собираат околу заедничка бадникова трпеза, и според традицијата, оваа вечер не се оди на гости.
Се подготвува богата посна трпеза, a се прави и лепче или пита во која се става паричка. Се верува дека оној на кого што ќе му се падне паричката, ќе го следат среќа и бериќет во текот на целата година.
Исто така, ноќта пред Бадник се става бадниково гранче на секоја врата, што според христијанското верување, носи здравје за целото семејство.
Повеќето православни цркви во светот го користат Јулијанскиот календар, формиран по наредба на Јулиј Цезар во 46 пр.н.е. и го немаат прифатено Грегоријанскиот календар кој е формиран во 1582 година од римскиот папа Григориј. Разликата меѓу двата календара е 13 дена, поради што православните христијани го слават Божиќ на 7 јануари, а не на 25 декември.