Седницата на Народното собрание на Србија денеска накратко беше прекината по тензија и туркање меѓу опозицијата и претставниците на владејачката коалиција.
Претставниците на Собранието на Србија денеска расправаат за предлог-буџетот за 2025 година и за пропратните закони. Покрај предлог-буџетот за следната година, на дневен ред на седницата има околу 50 точки.
Но седницата беше накратко прекината поради кус конфликт меѓу претставници на владејачката коалиција и опозицијата во собраниската сала.
Претставниците на владејачката коалиција и опозицијата дојдоа на говорницата држејќи транспаренти, по што дојде до туркање, фрлање хартии и вода како и тепачка меѓу пратеникот на ПС Бојан Торбица и лидерот на ССП, Драган Ѓилас.
Ситуацијата се смири по десет минути, кога претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, се спушти пред конфликтните страни и ги упати претставниците на владејачката коалиција во нивните фотелји.
На директниот пренос можеше да се забележи дека претставниците на опозицијата станаа држејќи транспаренти на кои пишуваше „Рацете ви се крвави“ и „Корупцијата убива“, додека претставниците на власта стоеја со транспаренти „Жолти ѓубриња и корупција ти е средно име“.
Конфликтот се случил и на балконот, каде претставници на властите закачиле транспарент на кој пишувало дека „жолтите крадци сакаат граѓанска војна, а Србија сака работа“.
Брнабиќ одреди пауза и ги повика шефовите на пратеничките групи на консултации, а министрите на чело со премиерот Милош Вучевиќ ја напуштија собраниската сала.