Приватните превозници продолжуваат со блокадата на сообраќајот во Скопје

Приватните превозници продолжуваат со блокадата на сообраќајот во Скопје

Автобусите на приватните превозници поминаа една ноќ на две раскрсници и еден булевар во главниот град Скопје
Приватните превозници продолжуваат со блокадата на сообраќајот во Скопје / Photo: AA

Втор ден по ред, приватните превозници во Скопје држат целосно блокирани две важни раскрсници и еден булевар во главниот град, во знак на протест поради неплатениот долг од страна на институциите.

Автобусите на приватните превозници поминаа една ноќ на дел од булеварот „Илинденска“, кој поминува пред седиштето на Град Скопје, како и на крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и „Црвен крст“, со што го парализираа сообраќајот низ градот.

На блокираните крстосници се пуштаа да поминат само возилата на брзата помош, а полицијата го пренасочуваше сообраќајот. Како последица на тоа, се создадоа долги колони на возила, особено во утринските часови.

На блокадата се вклучени двете компании кои ги претставуваат приватните превозници во Скопје, „Слобода превоз“ и „Макеспрес“, кои тврдат дека Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), основано од Град Скопје, им должи вкупно над 1,5 милиони евра.

Претставниците на приватните превозници велат дека во блокадата се вклучени околу 200 автобуси, како последица од немањето слух кај одговорните.

Тие дури најавуваат и дополнителна радикализација, изјавувајќи дека можат да ги донесат на протест и нивните семејства, бидејќи како што истакнаа, не можат да им обезбедат храна.

Претставниците на приватните превозници протестираа и претходно, упатувајќи повик до централната власт да помогне и да биде посредник во спорот со Град Скопје.

Откако приватните превозници стапија во штрајк, Град Скопје соопшти дека е раскинат договорот со нив поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот.

TRT Balkan / агенции
Популарни