МВР денеска соопшти дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во Универзална сала во Скопје.
„Во врска со пожарот, во ПС ОН Центар се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53). Се преземаат мерки за расчистување на случајот,“ се наведува во соопштението од МВР.
Полицијата соопшти дека денеска околу 9:45 часот во СВР Скопје е пријавено дека настанал пожар во Универзалната сала во Скопје. Веднаш по добиената пријава, на лице место се упатени полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11:30 часот го изгаснале пожарот.
Како што се наведува во соопштението, со возило на Итната медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени Е.С. (48) и А.Т. (41), станарки на о=згради во близина, поради вдишување на чад.
Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.
Томески рече дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Како што посочи, вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за време на посетата на Универзалната сала изјави дека набрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со градба. Таа испрати апел за брзо расчистување на случајот.
„Најпрво жалам што денес сме овде со оваа причина. Јас сум прилично многу вознемирена од ова што го гледаме позади нас. Утринава околу 9 часот бевме информирани дека изби пожар во Универзална сала и веднаш дојдовме тука. Ова што го гледаме сега е дека веќе пожарот е локализиран и дека е веќе изгаснат. Се повикувам за брзо постапување од страна на сите институции, тука со нас се присутни и претставници од надзорот, од изведувачите, од фирмата која што ја гради Универзална сала и апелирам за брзо расчистување за кои се причините за пожарот што се случил и апелирам на тоа да не се шират шпекулации“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека пред да се продолжи со градба ќе се утврди колкава е штетата. Напомена дека објектот е осигуран, што значи дека од осигурувањето ќе се санира штетата која што е направена и потоа ќе се продолжи со градба.