Северна Македонија и Косово се очекува да имаат повисок економски раст од претходната година за разлика од другите земји во регионот, прогнозира Светска банка (СБ) во својот најнов извештај за глобалните економски перспективи.
Според извештајот, се очекува сериозно и долгорочно забавување да ги погоди земјите во развој, додека глобалниот економски раст за 2023 година ќе се забави на 1,7 отсто од очекуваните 3 отсто.
Во соопштението на Канцеларијата на Светската банка во Косово се наведува дека глобалниот раст значително забавува во услови на зголемена инфлација, високи каматни стапки, намалени инвестиции и нарушувања предизвикани од руската окупација на Украина.
„Поради кревките економски услови, секој нов неповолен развој на настаните – како што е повисока инфлација од очекуваната, неочекувано зголемување на каматните стапки за нејзино ограничување, повторно појавување на пандемијата на Ковид-19 или ескалација на геополитичките тензии – може да ја турка глобалната економија во рецесија. Ова би претставувало првпат во повеќе од 80 години да се случат две глобални рецесии во иста деценија“, се вели во соопштението.
Според податоците на извештајот на СБ, во 2022 година Северна Македонија забележа пораст од 2,1 отсто, додека прогнозите за 2023 и 2024 година се 2,4 и 2,7 отсто.
Косово забележа економски раст од 3,1 отсто, додека прогнозата за 2023 и 2024 година е раст од 3,7 и 4,2 отсто.
Лани, Албанија имаше економски раст од 3,5 отсто, а прогнозите се 2,2 отсто за годинава и 3,4 отсто за следната година.
Од останатите земји во регионот, Црна Гора имаше пораст од 5,9 отсто, додека прогнозата за оваа и за следната година е пораст од 3,4 и 3,1 отсто.
Во Босна и Херцеговина прелиминарниот раст во 2022 година беше 4 отсто, додека прогнозата за 2023 година е раст од 2,5 и 3 отсто.
Србија минатата година имаше пораст од 2,5 отсто, додека прогнозите за оваа и следната година се зголемувања од 2,3 и 3 отсто.