Протестите против францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите со Европската Унија (ЕУ) од главниот град Скопје, од утре се селат низ целата држава. На шестиот ден од протестот во Скопје на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог , демонстрантите најавија блокади низ целата држава од утре со почеток во 13 часот.
На вечерашниот протест демонстрантите ја сменија рутата. Протестот го започнаa пред Владата на Северна Македонија, но потоа наместо кон Министерството за надворешни работи тие се упатија кон зградата на Министерството за правда. Оттаму продолжија кон Собранието, каде го искажаа своето незадоволство од предлогот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на протестот изјави дека што ѝ да се случува понатаму со „националното предавство и катастрофата што ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати“.
„Добивме информација дека Владата одлучила преговарачката рамка и оној втор документ кој претставува заклучоци на Советот кои се практично дел од договорот, кој владата на СДСМ и ДУИ го направила со официјална Софија, го пренеле денеска во Парламентот иако не ја гледаме логиката зошто во Парламентот кога станува збор за меѓувладина, односно Владата е таа која носи одлука во сето ова. Доколку донесе Владата одлука за што ние силно протестираме и велиме да биде таа ’не‘, тогаш Парламентот е тој што одлучува, а јас силно ве уверувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени“, изјасни Мицкоски.
Протестите вечерва поминаа без инциденти и немири.
На вчерашните протести при движењето на демонстрантите од Владата кон Министерството за надворешни работи се случи инцидент при што имаше пукање во воздух. МВР соопшти дека лицето е уапсено.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати апел до организаторите на протестите одржани во Скопје да преземат одговорност и да протестираат достоинствено и без насилство и дека најостро го осудува носењето и користењето огнено оружје од цивили и граѓани на земјава.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.