Првични резултати: ВМРО-ДПМНЕ со водство на двојните избори / Photo: Фото: ТРТ Балкан

Денес се одржа вториот круг од македонските претседателски избори,а се одржаа и редовните парламентарни избори. Според првичните резултати од Државната изборна комисија кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова го победи противкандидатот Стево Пендаровски, актулелен претседател на државата и претседателски кандидат поддржан од Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ).

„Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии“, изјави Силјановска Давкова на вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

Силјановска Давкова: Не е време за поделби и триумфализам

Силјановска Давкова потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси.

„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.

Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива. Според резултатите од Државната изборна комисија од 80,37 отсто од преброените гласови, Силјановска-Давкова освои 439.614 гласови или 64,83 отсто, а Пендаровски освои 198.288 или 29,24 проценти од гласовите.

Пендаровски го призна поразот: Честитки до победниците

Актуелниот претседател Стево Пендаровски вечерва им ја честиташе победата на својата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова, како и на ВРМО-ДПМНЕ кај изборите за пратеници во Собранието.

„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.

На новинарско прашање дали слабиот резултат на СДСМ е виновник за неговиот пораз Пендаровски рече дека влегол во изборната трка знаејќи дека рејтингот на партијата не е така добар како пред неколку години.

Првични резултати од парламентарните избори

Од преброени гласови во 3.270 избирачки места, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати за новиот состав на Собранието. Зад неа е Коалицијата предводена од СДСМ со само 19 мандати, додека коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ има 18 пратенички мандати, коалицијата Вреди 13, „Левица“ шест и партијата ЗНАМ пет пратенички мандати, објави вечерва Државната изборна комисија.

Ова се првичните неофицијални резултати од денешните парламентарни избори, што се одржаа истовремено со вториот круг од претседателските избори.

Со ова почнуваат да течат роковите за приговори за изборите. Роковите се до 10 мај до 19 односно 23:30 часо

Мицкоски: Историска победа на народот

Македонија победи! Историска победа на народот! Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја објави убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори.

„Поразени се предавствата, поделбите, тие стотина луѓе на ДУИ и на СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи. Нив денеска ги боли главата, има и зошто. Ќе одговараат сите до еден. Поразен е бојкотот на ДУИ. Ова на нашата победа ѝ дава посебно задоволство, народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себеси, а ДУИ покажаа дека се најмалку партија која се грижи за Македонија и станаа силно криминализирана структура. Но сѐ им се удри од глава и на крај се избојкотираа самите себеси, рече Мицкоски.

Ковачевски со честитки до ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски како и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.

Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.

Според него, СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат.

„Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. Ова е тежок удар за партијата. Ќе ги анализираме причините за овој исход. Не избрзувам со заклучоци. Сите имаме одговорност. СДСМ ќе треба добро да погледне внатре кои се слабостите во последните 4, ако не и 7 години. Повикувам на внатрепартиски избори, почнувајќи од претседателот, па и на сите тела и органи на партијата. Ќе биде свикан конгрес на СДСМ. Партијата мора да се консолидира. Ќе има длабока кадровска промена и промена на организациската поставеност внатре. СДСМ ќе мора да се врати на победничката патека”, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека најважно од сè е што треба да направат во иднина за да ја вратат довербата на граѓаните што ја загубија.

Ахмети: Европскиот фронт е втора сила во државата

Претседателот на ДУИ Али Ахмети вечерва од седиштето на партијата во Мала Речица рече дека коалицијата „Европски фронт“ е втора сила во државата по денешните избори.

„Легитимитетот ни го дадоа граѓаните, мнозинството Албанци и малите заедници како Турците, Бошњаците и Ромите, на кои им се заблагодарувам. Ова е првиот чекор кон долгите етапи на Фронтот за Европа до полноправно членство во ЕУ“, рече Ахмети.

Според Ахмети, денес, повеќе од кога било, на државата и треба стабилност, мир, нула проблеми со соседите, владеење на правото, почеток на преговорите за членството во ЕУ.

„Остануваме силен фронт на мисионерите до реализација на финалните цели за членство во ЕУ“, рече Ахмети.

На новинарско прашање за коментар на победата на ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети рече дека треба да се почекаат финалните резултати од Државната изборна комисија.

„Вреди“ со прослава на плоштадот во Тетово

На плоштадот во Тетово, раководството и симпатизерите на албанската опозициска коалиција „Вреди“ ја славеа, како што рекоа, победата на парламентарните избори.

Лидерот на БЕСА Биљал Касами изјави дека коалицијата „Вреди“ е победник во сите општини со мнозинско албанско население и дека од утре почнуваат преговорите за нова влада со ВМРО-ДПМНЕ.

На плоштадот во Тетово се славеше со тапани и огномети, а имаше и зголемено полициско присуство.

ДИК: Изборите беа фер и демократски

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вечерва на прес-конференција оцени дека денешните двојни избори - вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори биле фер и демократски и дека успешно и професионално се спроведени.

„Еднакво право на глас е дадено на сите граѓани. Тие гласаа по сопствена волја“, истакна Даштевски, заблагодарувајќи им се на сите изборни органи за нивната работа, на медиумите за позитивното известување, како и до сите учесници во изборите.

Според него, и денеска се потврдиле оценките на меѓународните и на домашните организации за беспрекорно организирани избори во услови кога се спроведуваат два вида избори.

Јавно обвинителство: Генерално мирни избори

Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа за втор круг од македонските Претседателски и Парламентарни избори до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето како и други изборни нерегуларности.

Од почетокот на гласањето утрово, рече тој, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса izbori@jorm.mk не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.

TRT Balkan / агенции
Популарни