Рама со повик до Србија за ослободување на тројцата косовски полицајци / Photo: AA

Премиерот на Албанија, Еди Рама, повторно ја повика Србија да ги ослободи тројцата косовски полицајци, наведувајќи дека нивното држење во затвор со денови е неоправдано и неприфатливо.

Рама на прес-конференција рече дека не може да има нормалност ниту во односите меѓу Албанија и Србија сѐ додека Србија не стави крај на лишувањето од слобода на тројцата косовски полицајци за кои рече дека не сториле кривично дело.

„Денеска го повторувам апелот за итно безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци, не само затоа што ова е кршење на човековите права, туку затоа што без тие тројца мажи да се вратат дома, нема простор за движење со планот за деескалација“, изјави Рама.

Тој нагласи дека испратил писмо до францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

„Завчера го испратив второто писмо по она од нацрт-статутот (за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово), до претседателот Макрон и канцеларот Шолц, информирајќи го и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во однос на потребата од нов конкретен поттик на Франција и Германија како кумови на француско-германскиот план, се разбира со поддршка на САД, за што поскоро да се спроведе француско-германскиот план“, додаде тој.

Осврнувајќи се и на тензиите и судирите околу односите меѓу Косово и Србија, Рама рече дека „оваа ситуација ѝ одговара само на една сила, а тоа е Русија, не ѝ одговара на ниту една друга“.

На прашањето дали ќе продолжат состаноците за иницијативата „Отворен Балкан“, Рама истакна: „Не, нема средба, нема друг развој. Секој канал за комуникација има само една реченица: Ослободете ги тројцата косовски полицајци.“

Потсетуваме, на крајот на мај избувнаа тензии на северот на Косово, кога специјалните единици на косовската полиција им помогнаа на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските згради. Потоа, српските демонстранти се судрија со војниците на КФОР, при што беа повредени десетици меѓународни војници и демонстранти.

На 14 јуни, косовската полиција објави дека се случило „класично киднапирање од страна на српските сили“ на тројца косовски полицајци.

Премиерот Рама претходно потврди дека до францускиот претседател и германската канцеларка доставил нацрт-предлог за Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, кој предизвика реакции во Албанија и Косово.

TRT Balkan / агенции
Популарни