САД: Нелегалните блокади на северот на Косово треба да се отстранат / Photo: AA Archive

Соединетите Американски Држави изразуваат длабока загриженост поради моменталната ситуација на северот на Косово и очекуваат престанување на сите закани со насилство и застрашување, се наведува во заедничкото соопштение на амбасадите на Соединетите Американски Држави во Белград и Приштина.

Во соопштението се истакнува дека САД разбираат дека косовските власти притвориле лице осомничено за вмешаност во насилен напад врз косовските органи за спроведување на закони и органите на изборната комисија, како и дека ова апсење се користи како оправдување за нелегалните блокади на патиштата, како и закани и заплашување на косовските власти и локалното население.

„Оние кои ги подигнале нелегалните блокади треба веднаш да ги демонтираат. Очекуваме престанување на сите закани со насилство и заплашување. Изразуваме нашата благодарност и полна поддршка на косовските сили на НАТО (КФОР) за нивните напори да обезбедат безбедност и слобода на движење и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС)“, се наведува во соопштението.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Белград и во Приштина одлучно ги осудуваат како неприфатливи сите напади врз косовските и меѓународни безбедносни агенции.

„Ги повикуваме сите на максимална воздржаност, веднаш да преземат акција за да се постигне деескалација на ситуацијата и да се воздржат од провокативни активности. Ги повикуваме страните да работат во рамките на дијалогот кој го води ЕУ за да се решат прашањата која предизвикуваат загриженост“, стои во соопштението.

TRT Balkan / агенции
Популарни